Повторените предвидувања на Западот за руската инвазија на Украина се провокативни и можат да имаат штетни последици, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Американскиот претседател Џо Бајден во петокот изјави дека е убеден оти рускиот претседател Владимир Путин одлучил да ја нападне Украина и дека, иако се уште има простор за дипломатија, очекува Русија да ја нападне соседната земја во наредните денови.
Русија постојано ги негираше обвинувањата дека се подготвува за инвазија на Украина. Путин не обрнува внимание на изјавите на западните лидери, изјави Песков за јавната телевизија Русија 1.
-Факт е дека тоа директно доведува до зголемување на напнатоста. Кога има максимална ескалација на тензијата, како што е сега на демаркационата линија (во источна Украина), секоја искра, секој непланиран инцидент или секоја помала непланирана провокација може да предизвика непоправливи последици, посочи Песков.
-Значи, сето тоа има, или може да има штетни последици. Секојдневното објавување на датумот на руската инвазија на Украина е многу штетна практика, додаде тој.