Пет најсилни земјотреси во историјата на човештвото

од Весна Петровска
31 прегледи

Силен земјотрес со јачина од 8,8 степени го погоди Далечниот Исток на Русија и предизвика цунами, поради што Јапонија и Хаваи наредија евакуација.

Земјотресот со јачина од 8,8 степени според Рихтеровата скала го погоди градот Петропавловск на Камчатка, а според првичните извештаи има и повредени, јавија руските медиуми. Првиот бран на цунамито ги погодил Курилските острови, а цунами високо 3–4 метри го погодило полуостровот Камчатка.

Според проценките, ширум светот се случуваат околу 20.000 земјотреси годишно, што е приближно 55 дневно. Од нив, околу 16 годишно се класифицираат како големи земјотреси (со магнитуда 7 или повеќе).

Најголемиот дел од земјотресите се случуваат на морското дно, што значи дека најголемата опасност за човечки животи доаѓа од цунамите што настануваат по подводни потреси.

Рихтеровата скала го стандардизираше мерењето на земјотреси во 1930-тите, што овозможи полесно споредување на нивната јачина.
Сепак, таа скала имала свои недостатоци, па денес е заменета со скалата на моментна магнитуда (Mw), која е користена и за оваа листа.

Како и Рихтеровата, и оваа скала е логаритамска, што значи дека секој цел број повеќе на скалата означува десетпати посилен потрес.
На пример, земјотрес со магнитуда 9 е 1.000 пати посилен од земјотрес со магнитуда 6.

Еве неколку најстрашни земјотреси во светот:

1. Валдивија, Чиле, 1960

Најсилниот земјотрес што некогаш бил забележан се случил на 22 мај 1960 година во близина на градот Валдивија, Чиле. Имал магнитуда од 9,5 степени и траел околу 10 минути.

Предизвикал лизгање на земјата, свлечишта и моќен цунами што ја погодил крајбрежната област. По земјотресот, вулканот Кордон Кауле еруптирал и исфрлал пепел 59 дена.

Благодарение на претходните потреси кои го најавиле главниот удар, бројот на жртви (околу 5.700) бил помал отколку што би се очекувало.

2. Алјаска, САД, 1964

Земјотрес со магнитуда 9,2 степени ја погодил Алјаска и траел речиси пет минути. Епицентарот се наоѓал близу градот Анкориџ, кој претрпел огромни оштетувања.
Патиштата се урнале, а зградите кои не биле отпорни на земјотреси се срушиле.

Ова е најсилниот земјотрес во историјата на САД.

3. Суматра, Индонезија, 2004

Земјотрес со магнитуда 9,1 степен се случил на 26 декември 2004 година, предизвикан од потонување на Индиската тектонска плоча под Бурманската микроплоча.
Предизвикал поместување на морското дно за повеќе од 20 метри и цунами високо 30 метри, кое погодило 14 земји.

Загинале околу 228.000 луѓе, најмногу во Индонезија, Шри Ланка, Индија и Тајланд.

Ова е најсмртоносната природна катастрофа во 21 век.

4. Тохоку, Јапонија, 2011

Земјотрес со магнитуда од 9,1 степен ја погодил источната обала на островот Хоншу на 11 март 2011 година.
Ја поместил земјината оска за 10 до 25 cm и го поместил островот Хоншу за 2,4 метри.

Цунамито било разорно – брановите достигнувале висина од над 40 метри. Се случила и хаварија во нуклеарната централа Фукушима, при што се ослободиле радиоактивни материјали.

Загинале повеќе од 22.000 луѓе.

5. Северо-Курилск, Русија, 1952

Во 1952 година, земјотрес ги погодил Курилските острови, при што се појавило цунами високо 18 метри, кое го уништило градот Северо-Курилск и усмртило речиси половина од населението.

Жителите избегале на повисок терен по првиот бран, но се вратиле прерано и загинале во вториот бран.

Градот подоцна бил обновен на поголема надморска височина.