Пет видови суша и што може да помогне

Сѐ повеќе региони во светот стануваат погодени од натпросечно долги периоди на суша. Светската банка предвидува дека до 2050 година, посебно во Африка, Југоисточна Азија, но и во САД и во делови на Јужна Америка, проблемите со водата ќе стануваат поголеми.

од desk2
14 прегледи

Eкстремните суши и недостигот на вода сѐ повеќе влијаат на приносите, стопанството и на луѓето. Но, притоа, тие немаат ист ефект насекаде. По што се разликуваат и што помага против недостигот на вода?, пишува Дојче веле.

Во Европа оваа пролет беше посебно сушна. Во април и мај речиси да немаше врнежи, а сега тука е и екстремната жега. Тоа не ги загрижи само земјоделците, туку и транспортната индустрија, бидејќи водостоите на реките, коишто се важни за пловидбата на товарните бродови, се значително намалени. На Рајна, важен трговски пат, бродовите можеа да пловат само ограничено и со помалку товар.

И во други региони сѐ почесто доаѓа до суша. Тоа доведува до пропаѓање на насадите, а вода ѝ недостига и на индустријата. Причината се растечките температури поради климатските промени предизвикани од човековата активност и согорувањето јаглен, нафта и гас.

Науката разликува повеќе видови суши и нивните последици:

Метеоролошка суша
Според германската Метеоролошка служба, за ваков вид суша станува збор кога најмалку еден или два месеци има необично сушно време и кога има помалку врнежи од вообичаеното. На пример, надлежната служба на Австралија соопшти дека април во некои делови во земјата бил еден од најсушните од почетокот на метеоролошките мерења во 1900 година. Во некои делови на Австралија екстремната суша трае веќе три години. Колку подолго трае сушата, толку посериозни може да бидат нејзините последици.

Земјоделска суша
Кога почвата е премногу сува, фармерите имаат проблеми со водата, растенијата слабо растат и приносите се мали или воопшто ги нема. Во таков случај, станува збор за земјоделска суша, објаснува Дирк Каргер од швајцарскиот Сојузен истражувачки институт за шуми, снег и животна средина.

Студијата на овој институт покажува дека екстремните суши низ светот во последните четири децении се во пораст. Површината зафатена со суша секоја година се зголемува за околу 50.000 квадратни километри, што е колку територијата на Швајцарија.

Во северно Чиле, земјоделската суша трае веќе 14 годфини, а во југозападниот дел на САД три години по ред било екстремно суво.

Хидролошка суша
До хидролошка суша доаѓа кога нивото на водата во реките, езерата и подземните води ќе падне под минималните вредности и кога резервоарите за свежа вода се речиси празни.

Овој вид суша често се појавува како последица на долга метеоролошка суша. Според наводите на германската Метеоролошка служба, тоа се случува кога во текот на најмалку четири месеци владее невообичаено суво време.

Сѐ повеќе региони во светот стануваат погодени од натпросечно долги периоди на суша. Светската банка предвидува дека до 2050 година, посебно во Африка, Југоисточна Азија, но и во САД и во делови на Јужна Америка, проблемите со водата ќе стануваат поголеми.

Комбинирана суша на Кипар
Недостиг на вода е присутен и во Северна Африка, Грција и на Кипар. На тој голем остров истовремено се среќаваат и земјоделска и хидролошка суша. Со седмици речиси воопшто нема дожд, акумулациските езера и резервоари на вода се празни, а реките пресушија. На сточарите им снемува вода, а насадите се во опасност од целосно пропаѓање, известуваат кипарските медиуми.

„Минатата година не беше добра, а и оваа е исто така лоша“, вели за втората сушна година Адријана Бругеман, професорка од истражувачкиот центар на кипарскиот Институт за енергија, животна средина и водата.

Зимските месеци во многу региони се период кога доаѓа до врнежи и кога реките и акумулациските езера се полнат со вода. Бидејќи речиси и да немало дожд, резервоарите на вода на Кипар сега се празни.

„Не сме во добра ситуација“, вели Бругеман.

Кога се погодени луѓето: Социоекономска суша
Одредени видови суши често не може јасно да се разликуваат, бидејќи се јавуваат истовремено. Поголемиот дел од сушите, што луѓето воопшто и не ги забележуваат, се социоекономските суши, вели Каргер. Тие се случуваат како екстремната суша директно влијае на луѓето е економијата. Тоа се случува, на пример, кога поради недостиг на вода, стоките и електричната енергија посакуваат или кога владее недостиг од стоки или струја.

Така, во Шпанија и Италија во 2024 година, одвреме-навреме имаше ограничувања во снабдувањето со вода. Во Франција минатото лето мораше повеќепати да се сопре работата на нуклеарните електрани, бидејќи немаше доволно вода за ладење на реакторите. Реките имаа премалку вода. Во Зимбабве минатата година хидроелектрана поради недостиг на вода престана да произведува струја, што доведе до недостиг на електрична енергија.

Сушите честопати имаат драматични социјални и економски последици. Во многу региони, вклучувајќи ги тука Судан, Јужен Судан и Мали, долготрајната суша дополнително го зголемува гладот.

„Ако ги погледнеме земјите на Западот, како САД, на пример, каде во последната деценија постои сериозен проблем со недостиг на вода, тогаш ќе увидиме дека тоа доведе до последици за снабдувањето со вода. Истото важи и за Чиле, каде што веќе доаѓа до големи штети“, објаснува Каргер.

Сојузните држави Калифорнија и Невада на западот на САД веќе со месеци се погодени со суша. Долготрајните периоди без врнежи во текот на зимските месеци доведе до тоа да избувнат разорни шумски пожари.

Потценетите суши и еколошките последици
Според наводите на германскиот институт Хелмхолц, сушите се потценети екстремни временски настани. Честопати предизвикуваат многу поголема економска штета од бурите, поплавите или обилните врнежи. За разлика од другите временски непогоди, за сушите нема претходни предупредувања. А колку ќе бидат големи последиците, станува јасно долго време по почетокот на сушата.

Само во САД сушите секоја година нанесуваат штета од шест до девет милијарди долари.

Во научната литература сѐ повеќе се споменува и петти вид суша: Еколошка суша. Таа го опишува влијанието на недостигот на дожд и вода врз животните, билките и цели екосистеми коишто поради екстремната суша се „исфрлени од рамнотежа“.

Екстремниот пад на нивоата на подземните води и намалувањето на влажноста на земјата може да има неповратни последици за екосистемите, а со тоа и на луѓето. Тоа вклучува масивни загуби на приносите, зголемено изумирање на дрвјата, намалена продуктивност на екосистемите и загрозување на снабдувањето со вода, објаснуваат научниците од швајцарскиот институт во својата студија.

Сушата брзо влијае и на пасиштата, но тревата потоа кога ќе падне дожд повторно брзо израснува. Во шумите, подолгите суши може да предизвикаат непоправливи штети. Сушата го зголемува ризикот и од други катастрофи. Ако после подолга суша, падне обилен дожд, исушеното тло не може да го апсорбира големото количество вода. Последици на тоа се поплави, свлечишта и порои.

Што помага против сушата
За да се спречи сушите во иднина да стануваат сѐ полоши, експертите препорачуваат што е можно побргу да се ограничи штетата од климатските промени. Истовремено, луѓето мора да се прилагодат на сѐ почестите и сѐ подолгите периоди без врнежи. За тоа, од клучно знаење е и поефикасното и поштедливото користење на достапната вода – како во домаќинствата, така и во индустријата. Веќе има добри стратегии за тоа.

Сингапур е светски лидер во прибирањето дождовница. Низ градот се распоредени многу резервоари во кои се собира водата од дождовите. Потоа тие резервоари обезбедуваат питка вода во сушнтие периоди и го ладат градот во горештините. Има неколку постројки за рециклирање на отпадната во питка вода. Тоа досега го правеа многу малку земји, а токму во тоа лежи огромен потенцијал за успешно справување со недостизите на вода.

Освен тоа, во светот големи количества вода се губат и поради старите и оштетени цевки, од кои водата истекува. Италија, на пример, губи околу 40 отсто од водата за пиење поради лошото управување со водосистемите. Ефикасната поправка на цевките и редовното следење за откривање истекување докажано помагаат во зачување на постоечките залихи на вода.

Слични содржини