Редок вид пингвин завршил на брегот на Нов Зеланд, најмалку 3.000 километри од неговото природно живеалиште на Антарктик, пренесува Би-Би-Си.
Аделискиот пингвин, кого локалното население го нарекло Пингу, изгледал многу збунет кога бил пронајден на брегот. Ова е само третпат примерок на аделиски пингвин да е пронајден на бреговите на Нов Зеланд, по таквите случаи во 1962 и во 1993 година.
Хари Синг, кој го забележал, во почетокот мислел дека станува збор за играчка. Синг и неговата сопруга го нашле Пингу кога шетале по плажата Брдлингс Флат, јужно од Крајстчрч.
„Во прв момент помислив дека станува збор за кукла, а потоа ја придвижи главата па сфатив дека е вистински“, рекол Синг.
Крвната слика покажала дека Пингу бил прегладнет и дехидриран. Кога ќе закрепне, пингвинот ќе биде пуштен на плажата на полуостровот Банкс на кој нема диви кучиња, пишува уште Би-Би-Си.