Нормално е дека секоја страна има за цел преку пласирање на информации преку мас – медиумите да го крева моралот, како на народот така и на своите армии. Ваквите дејствија секако дека имаат успех, пред се насочен кон одредена целна група на приматели на информациите, вели во разговор за „Локално“, Владимир Пивоваров, универзитетски професор и некогашен раководител на сектор за воена безбедност и разузнавање, во однос на дејствијата на западните сојузници и разузнавачките агенции, кои во изминатиов период создаваат слика за „нефункционална руска војска“ и за нејзините загуби на воено поле.
Според Пивоваров, „психолошката војна помеѓу Западот и Истокот трае со векови“.
– По Втората светска војна се создаде биполарен свет во кој тогаш преку пишаните медиуми и теливизијата оваа специјална војна никогаш и не престана. Во овој век, преку мас-медиумите и двете страни како цел на специјалн војна (медиумска) се обидуваат да ја креираат перцепцијата на луѓето во целиот свет. Денеска, со отпочнувањето на војната во Украина, оваа психолошко информативна војна е со зголемен интезитет како начин за креирање на јавното мислење, смета тој.
Професорот смета дека во ваква воена ситуација, нормално е да се пласираат информации „кои и се потребни на едната или другата страна“.
– Секако дека пласирањето на информации во крајна линија треба да ја остварат својата цел, која се однесува на прикажување на состојбата која во тој момент одговара на едната или другата странa. Сведоци сме дека руската страна, со претседателски декрети, забранува емитирање на сигнали на телевизии од Запад во нивниот етар, се со цел да се слушне само нивната страна за наводните успеси на бојното поле, а да не се слушне другата страна. Доколку не се слушнат двете страни, луѓето поклонуваат верба само на она што им се пласира, додава тој.
Дециден е дека не само обичниот народ, туку сите, вклучително и експерти од оваа област немаат можност за „сто постотна проверка на информациите кои ги примаат“.
– Не сега, туку од секогаш основно правило за пласирање на информации за време на војна е дека истите многу тешко или воопшто можат во целост да бидат проверени. Информациите од војната, денеска со помош на електронска техника можат делумно да се проверат доколку истите се пропратени со слика која потоа се анализира во однос на содржината, која на истата е прикажана. Може да се провери дали истата е фотомонтажа, дали истата потекнува од местото на кое е снимена, а тоа се проверува преку локација на местото за кое се наведува дека е снимена, временски услови кога е наведено дека е снимена (час, минути, кој ден, а поврзано со временските услови кој во наведеното време биле). Специјалната војна е многу важен сегмент, а таа пред се извршува преку мас – медиумите и пласирање на информацијата кон целната група, смета Пивоваров.
Според него, „најважно е војната да престане“ и упати повик до претседателите на РУсија и Украина.
– Да се постигне итен договор на зелената маса по дипломатски пат, бидејќи војната носи само зло, омраза која трае со векови, големи човечки загуби но, и материјални разорувања. Би упатил апел како незначајна личност до претсадетелите Зеленски и Путин во име на човечноста, „престанете со војување, секој ден носи многу жртви, многу мајки ќе бидат завиени во црно“, додава тој.
М.А.