Маж на возраст од 36 години убиен е вчера во гадот Караула кај Травник во Босна и Херцеговина. Денес, ден по убиството, „Klix.ba“ дознава дека убиството всушност било дело на одмазда за злосторството што го потресе Травник пред речиси десет години.
Имено, според информациите со кои располага „Klix.ba“, осомничениот, кој синоќа беше уапсен поради основано сомнение дека сторил кривично дело убиство, е татко на млад човек кој беше убиен со нож во 2014 година пред семеен дом во Доњи Крчевине кај Травник.
Како што потсетува „Klix.ba“, Ајдин Клепиќ (20) потоа починал откако бил прободен со нож во градите од Мирнес Захировиќ, додека неговиот татко Недим Клепиќ се здобил со полесни повреди.
Судскиот епилог на тој случај, пишува „Klix.ba“, предизвика бурни реакции во јавноста, со оглед на тоа што Захировиќ ја призна вината и доби казна од само три и пол години затвор. По изрекувањето на правосилната пресуда тој беше ослободен, што семејството Клепиќ го нарече „срамна одлука“.
Според извори блиски до истрагата, таткото никогаш не успеал да ја преболи загубата на синот или фактот дека насилникот добил лесна казна. Како што информираат од Министерството за внатрешни работи на Централниот босански кантон, тој синоќа употребил автоматска пушка против 36-годишен маж, кој од здобиените повреди починал на лице место.
По извршеното кривично дело, пријавениот побегнал во непознат правец, но со брза реакција на полицијата бил лоциран и приведен“, се вели во официјалното соопштение на МУП СБК.