По Хрватска, во БиХ и Црна Гора се подготвува бојкот на продавниците

од Milan1
43 прегледи

На социјалните мрежи во Босна и Херцеговина, по успешната граѓанска акција во Хрватска, се шират повици на бојкот на продавниците, бензинските пумпи, кафулињата и рестораните во петок, како израз на незадоволство поради високите цени и нискиот животен стандард.

Иницијаторите на акцијата ги повикуваат граѓаните тој ден да не купуваат ништо и однапред да ги обезбедат потребните намирници, да готват дома и да избегнуваат трошење во угостителските објекти.

Граѓаните на интернет форумите предупредуваат дека цените на храната во БиХ се повисоки отколку во некои развиени земји како Германија. Властите во БиХ повеќе пати воведуваа замрзнување на цените на најважните намирници.

И во Црна Гора е најавен бојкот на супермаркетите и продавниците на 31 јануари, црногорскиот премиер Милојко Спајиќ ја поддржа идејата за бојкот.

„Во петок повикуваме на бојкот на супермаркетите и продавниците во Црна Гора, на сите без исклучок, бидејќи тоа нема никаква врска со политика. Високите цени подеднакво ги погодуваат сите граѓани“, се наведува во соопштението на црногорската невладина организација Институт Алтернатива.