По пандемијата можно е да фалат работници

од Milan1
443 прегледи

Колку пандемијата влијае на понудата и побарувачката на работна сила кај нас и во светот и фалат ли на Македонија работници или работни места какви се трендовите. Стопанствениците имаат еден одговор, невработените сосема друг но во едно се согласни, дека денес на пазарот на трудот како и во се друго, светот не е ист.

Најпогодена гранка е се разбира туризмот. Зоран Кочоски кој ја има една од најголемите агенции за вработување во Југоисточна Европа, „Коузон“ и чија дејност беше најпогодена со пандемијата вели дека во последнта година се променила динамиката на понудата и побарувачката на работната сила.

„Минатата 2020 година, скоро и да немаше побарување на нови работници. Стопанството и туризмот во 2020 година работеа со многу намален капацитет и би рекол без никаков развој. Оваа 2021 година, состојбата има две димензии, првата половина ( заклучно со почетокот на месец Мај ), немаше големи раздвижувања. Значителна промена се осети во втората половина од годината од Јуни до Декември, кога почна да има големо придвижување на побарувачката на работна сила“, истакнува Кочоски за „Локално“.

Особено била погодена бродската индустрија.

„Бродската индустрија за крстарење во 2020 година го доживеа најголемиот удар. Се застана одеднаш. Со почетокот на 2021 година, ситуацијата полека почна да се менува, но не многу значајно. Реално очекуваме дека состојбата со пандемијата ќе се нормализира и дека во 2022 година ќе можеме да се вратиме во целост со сите наши активности. Има најави дека за 2022 година ќе можеме да испратиме голем број на млади од регионов да работат на бродови за крстарење“, вели Кочоски при што укажува на еден феномен дека не само што немало побарување на нови работници, туку била и намалена понудата на работна сила.

„За жал, пандемијата донесе и друг проблем кој никој од нас не го очекуваше. Тоа е проблемот што се намали значително и понудата на работна сила. Едноставно, оние кои бараа работа како да се откажаа од барањето на работа, а оние кои се веќе вработени, многу малку бараа нови работни места“.

Во помалите градови помалку од десет слободни работни места

Последните официјални податоци покажуваат 133.412 невработени пријавени во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа. Освен ова, има и 54.650 пасивни баратели на работа. Вкупниот број на лицата кои активно бараат работа во ноември е за 807 помал отколку во октомври, додека од почетокот на годината бројот на невработени е намален за над 25 илјади. Поголемо намалување на бројот има и кај лицата кои нередовно бараат работа, но се евидентираат како невработени и тоа за околу 36 илјади.

Невработени се 713 магистри, од кои над половината се жени, како и 20 доктори на науки. Но, најголемиот дел од невработените, повеќе од половината од вкупниот број се без образование или само со основно образование.

На веб страницата на Агенцијата за вработување има повеќе од 9.000 слободни работни места. Најбарани се и понатаму хигиеничарите, за кои има огласи за над 700 вработувања. На второ место се продавачите за кои има повеќе од 600 огласи, а на трето место се општите работници од кои компаниите бараат околу 500. Освен овие професии се бараат и  келнери, шивачи, касиери, магационери, готвачи, бравари. Но слободни работни места има и за 265 програмери, а се бараат и администратори и 75 менаџери.

Најголема побарувачка од нови работници и понатаму има преработувачката индустрија, која огласила над 1.700 слободни работни места, а околу една илјада непополнети работни позиции има и во хотелиерството и угостителството, како и во трговијата.

Најголема потреба од нови вработувања има во скопскиот регион, со околу 60 проценти од огласите. По побарувачка на работници следат Битола, Куманово, Тетово, Штип и Охрид.

За разлика од поголемите градови во помалите ако се суди според податоците на Агенцијата за вработување речиси и да нема слободни работни места, или ако има нивниот број е едноцифрен.

Па така девет работници се бараат во Кичево и Дебар, осум слободни работни места има во Кратово, седум во Берово, а во Крива Паланка има само 4 слободни работни места.

Доколку се погледнат овие податоци се добива впечаток дека работа и има и нема, односно зависи во кој дел од државата барате работа и што сакате да работите. Потребно е постојано учење и преквалификација и флексибилност за во овие тешки пандемиски услови да останете вработен.

Тоа го потврдува и Кочоски чија што Агенција неколку години уназад врши обука за пожарникари и истите ги испраќа да работат на големите бродоградилишта па и на самите бродови.

„Според мене, надоградбата и учењето на работната сила е од огромно значење. Во Европа не се оди без знаење на странски јазик, без изграден однос кон работните обврски и почитување на хиерархијата и без мотивираност за работа и напредување. Она што ние го работиме со нашите пожарникари ( доброволци ) е еден добар доказ за претходно кажаното. Со посветеност кон работните активности и професионалност, успеавме да станеме главен „ играч“ во овој сектор и тоа на светско ниво“.

Според него по КОВИД 19 пандемијата, ќе се соочиме со уште поголем проблем во следните неколку години, кога ќе останеме без активни баратели на работа но и со пребирливоста на македонската работна сила.

„Имаме проблем со голем број на баратели на работа кои незнаат што сакаат ( можат ) да работат, немаат работно искуство а бараат плати над 2.000 – 3.000 евра. Треба многу коренито да се променат одредени процеси во образованието и практичната работа, како и да се создадат национални сертификати за одредени работни позции“, истакнува Кочоски.

М.М.

 

Слични содржини