Почина академик Богомил Ѓузел

од Andreja Salpe
418 прегледи

По кусо боледување на 82 години почина академик Богомил Ѓузел, македонски поет, есеист, драмски писател, раскажувач и преведувач, потврди семејството за САКАМДАКАЖАМ.МК. Ѓузел е поет, раскажувач, драмски писател, есеист – припадник на третата повоена генерација македонски писатели, генерацијата што се појавува во втората половина на 1950-те години на 20. век и која со своето дејствување изврши пресудно влијание врз процесот на дедогматизацијата и модернизацијата на македонската книжевност.

Академик Ѓузел важи за наш најзначаен преведувач и препејувач на поезијата од англофонското книжевно подрачје. На македонски јазик во негов превод се достапни најпознатите драмски дела на Вилијам Шекспир. Освен тоа, Ѓузел е преведувач на изборите од поезијата на Т. С. Елиот, В. Х. Одн , Емили Дикинсон, Шејмас Хини и други, а е составувач и преведувач на Антологијата на современа американска поезија.

Творечкиот опус на академик Ѓузел опфаќа повеќе од 230 библиографски единици, од кои триесетина се поетски збирки, над 90 единици се објавени песни во антологии, списанија, зборници и сл., 85 единици се преводи на дела од странски автори, 23 единици се прозно творештво, како и редакции и уредништва на антологии, зборници, списанија и сл.

„Есеите кои академик Ѓузел ги објавуваше во периодиката и дел од кои се собрани во книгите ‘Историјата како маштеа’ и ‘Бовча’, ни го покажуваат овој автор не само како еден извонредно луциден интелектуалец, кој поседува висока доза на информираност и на сестрано образование, туку и како творец кој на прашањата што ги зема во средиштетото на своето внимание знае да им најде оригинален и често неочекуван аспект. Ставот на академик Богомил Ѓузел е секогаш став на еден вистински ангажиран интелектуалец кој сака да ги изнесе своите погледи јавно и гласно, и тогаш кога тие, според сите предвидувања, не би можеле да очекуваат да бидат пречекани со сеопфатна согласност. Европската ориентација, интелектуалната луцидност и универзалната широчина им обезбедуваат на неговите есеи едно траење кое далеку ги надминува околностите во кои тие се пишувани и поводите кои го предизвикале нивното појавување“, вели МАНУ во неговата биографија.

Слични содржини