Почина Светлана Броз – внуката на Јосип Броз Тито

од Nikola Popovski
284 прегледи

Во Белград, на 70-годишна возраст почина Светлана Броз, внука на поранешниот лидер на Југославија, Јосип Броз Тито. Светлана била кардиолог, писател и активист за човекови права.

Броз била автор на неколку книги, меѓу кои и култното дело „Добри луѓе во време на зло“, кое имало седум изданија и било преведено на шест светски јазици. Ги објавила и книгите „Праведниците на Руанда помеѓу заборавот и помирувањето“, „Галаксијата Гојер“ и „Мојата“, а била коавтор на бројни публикации од областа на мировните студии.

Таа ја основала и водела невладината организација „Гариво Сараево“, преку која меѓу првите во Европа воведе систематско образование за граѓанска храброст, организирање јавни предавања, Школата за граѓанска храброст и издавачка дејност со повеќе од 60 објавени книги. Ја основала и наградата Душко Кондор за граѓанска храброст, за чии добитници има снимено повеќе од 40 документарни филмови.

Предавала на 52 универзитети во САД и 80 европски универзитети. За нејзината хуманитарна работа за време на војната во Босна и Херцеговина, таа беше прогласена за почесен граѓанин на Тузла. Таа, исто така, била одликувана со францускиот национален орден за заслуги, Златната лента Маргерита Зобели за образование на Италија, а во Милано ја добила титулата Праведник во Светскиот парк на праведните.

Нејзината ќерка најави дека кремирањето ќе се изврши на 26 март во 14 часот и 15 минути на Новите гробишта во Белград.

Светлана Броз дипломирала на Медицинскиот факултет во Белград во 1980 година, а од 1981 до 1999 година работела како кардиолог на Воено медицинската академија. По избувнувањето на војната во Босна и Херцеговина во 1992 година, таа волонтирала и пружила медицинска помош во областите погодени од војната. Инспирирана од приказните за пациентите кои преживеале благодарение на луѓето кои се спротивставиле на етничкото насилство, таа почнала да ги собира нивните исподеви, што резултирало со книгата „Добри луѓе во зло време“, објавена во Босна и Херцеговина во 1999 година, а подоцна преведена на англиски под наслов “Good People in an Evil Time”.

Слични содржини