Почна изведбата на првото инклузивно детско игралиште во Општина Карпош

од Vladimir Zorba
112 прегледи

Првото инклузивно детско игралиште во Карпош почна да се изведува во Влае 2, веднаш до плоштадот „Делфина“. Ова игралиште ќе овозможи рекреација за сите деца, а секоја од справите ќе биде прилагодена и за децата со посебни потреби.

Игралиштето ќе се простира на површина од 450 квадратни метри и ќе бидат поставени десет реквизити: двојна клацкалка, детска двојна лулашка, лулашка за лица со инвалидска количка, специјален кош, мини инклузивен базен за играње со песок на стоење, инклузивен базен за играње со песок на седење (2), мини багерче за копање во базен, вртелешка и детско катче – замок.

Градоначалникот на карпош, Стефан Богоев посочи дека ова е прво игралиште од ваков тип во Општината.

– За ова игралиште изготвивме проект за којшто добивме грант од 50.000 евра од Швајцарската агенција за соработка и развој. Ме радува фактот што ова ќе претставува зона каде што различностите ќе се спојат, затоа што сите сме исти, а децата заедно ќе играат и ќе другаруваат. Во близина на игралиштето, во училиштето „Димо Хаџи Димов“ неодамна отворивме и сензорна соба за учениците со попреченост и продолжуваме во оваа насока да ја унапредуваме заштитата и за овие лица, рече Богоев.

Донатор на овој проект е Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за соработка и развој, а истиот беше спроведен преку Центарот за развој на Скопски плански регион.

Во оваа прилика, раководителот на Центарот за развој на Скопски плански регион, Љупчо Кец Мицковски посочи дека ова игралиште е во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ и за истото биле спроведени повеќе форумски сесии преку кои се вклучиле сите засегнати страни, со цел игралиштата да бидат изградени на соодветни локации.