Малме во јужна Шведска и Копенхаген во Данска се соочија со ескалација на групно насилство во последниве години, интензивиран во текот на летото до точка каде што полицијата од двете земји сега оперира преку границите.
Кога шетате низ Малме, сè изгледа многу идилично. Но, под површината се крие помалку романтична вистина. Малме и Копенхаген од другата страна на теснецот Ересунд, кој ги дели Данска и Шведска, беа тешко погодени од насилството на бандите во текот на летото.
Данската полиција извести дека загинале три лица и дека имало најмалку 25 напади или обиди за напади.
Во Шведска се ангажираат малолетници да вршат убиства во Данска
Особено загрижувачко прашање, според полицаецот во Малме, Глен Сјогрен, е возраста на луѓето кои ги извршиле овие злосторства.
„Овде во Шведска најмуваат убијци да вршат убиства во Данска. И тие се секогаш малолетни“, изјави тој за „Евроњуз“ и објасни зошто се толку млади.
„Поевтино е. И ако ги фатат, не добиваат долга казна“, додава полицаецот Сјогрен.
Зголемување на регрутирањето на тинејџери под 18 години за извршување убиства
Минатата година, шведската полиција забележа зголемување на регрутирањето на тинејџери помлади од 18 години за извршување убиства, бидејќи тие се соочуваат со помала контрола од органите на прогонот и често се заштитени од гонење во споредба со возрасните.
Криминалците често регрутираат членови во социјално загрозените имигрантски населби. Официјалните бројки покажуваат дека од април имало 25 случаи во кои Данците ангажирале млади Швеѓани да вршат злосторства во Данска.
Нападите вклучуваа употреба на пиштоли, бомби, па дури и рачни гранати.
Децата се наоѓаат на социјалните мрежи
Според Пема Каролини Сколд, раководител на младинската програма во Малме, децата се цел на интернет. „Регрутирањето на социјалните мрежи е релативно голем фактор зошто децата доаѓаат во вакви средини“, изјави Сколд за Евроњуз.
Прекуграничниот криминал меѓу Данска и Шведска доведе до тоа данската полиција да работи во Шведска и обратно. Шведска со години се бори со насилство од бандите, додека Данска исто така има насилство поврзано со банди, но во помал обем.