Политичката еволуција на Вјоса Османи: Од сојузник на Курти до независен играч

од Илинка Илиоска
288 прегледи

Во политичката сцена на Косово, динамиката помеѓу претседателката Вјоса Османи и премиерот Аљбин Курти значително се промени во последните години. Социологот и политички аналитичар Артан Мухаџири во рагзговор со „Локално.мк“ рече дека овој развој е резултат на комплексни политички и идеолошки разлики кои се манифестираат преку нивните односи со меѓународната заедница, особено со САД.

На почетокот од нејзиниот претседателски мандат, Османи беше критикувана за поистоветување со позициите на премиерот Курти.

„Овој пристап се сметаше за максимално зајакнување на Курти, бидејќи од Османи се очекуваше стил на балансирање на прагматизмот во креирањето политики,“ објаснува Мухаџири.

Тој додава дека првичната стратегија на Османи беше да придонесе за надминување на постојниот јаз меѓу премиерот и меѓународната заедница.

„Меѓутоа, големите идеолошки и политички оформувачки разлики меѓу Курти и Османи беа веќе израмнети. Премиерот Курти дојде од долгогодишното опозициско наследство на суровите антисистемски бунтови (движењето ВВ), додека Османи дојде од партија која ги вреднуваше институционализмот и соработката со меѓународните сојузници како фундаментални вредности (ЛДК)“, вели Мухаџири.

Сепак раздорот премиерот Албин Курти и претседателката Вјоса Османи се возобнови поради несогласувањата околу изготвувањето на нацртот за Заедницата за општините со српско мнозинство. Курти инсистираше нацртот да го подготви заедно со неговите министри Ненад Рашиќ и Елберт Красниќи, додека Османи сметаше дека тоа треба да се направи заеднички со косовските институции и САД.

Дополнително, некоординацијата на премиерот со меѓународните фактори за акциите на северот на Косово придонесе за растечката напнатост меѓу него и Османи.

Така, со текот на времето, особено во последната година, Османи постепено започна да се дистанцира од Курти.

„Оперативните промени кои имаат за цел симболиката на идентитетското дистанцирање на претседателката Османи од премиерот Курти се повеќе од забележливи,“ нагласува Мухаџири.

Тој истакнува дека ова е особено очигледно во нивните односи со американските претставници.

„Додека премиерот Курти е во отворен политички конфликт со високите американски функционери и често е заобиколуван од нив, претседателката Османи се позиционира како сојузник на САД во Косово,“ вели Мухаџири.

Според него оваа промена во односите е показател за промената на стратегијата на Османи и нејзината желба да се наметне како независен политички играч.

Мухаџири исто така потсетува дека неодамнешната „европско-американска турнеја“ на Османи е јасен показател за нејзината нова улога.

„Османи замина во САД на покана на државниот секретар Блинкен, што покажува колку САД се заинтересирани за Косово и ја гледаат Османи како покооперативен партнер,“ објаснува Мухаџири.

Во контекст на овие промени, Мухаџири нагласува дека квалитетот на односите меѓу Османи и Курти ќе има големо влијание врз динамиката на косовскиот политички спектар.

„Овие оперативни промени кои се симбол на идентитетското дистанцирање на Османи од Курти имаат длабоки импликации врз иднината на косовската политика,“ додава Мухаџири.

Според него оваа политичка еволуција на Османи е показател за тековните и идните насоки на косовската политика. Со дистанцирањето од Курти и блиската соработка со меѓународната заедница, Османи успеа да се наметне како независен и влијателен политички играч, кој има капацитет да ги обликува идните политички и дипломатски насоки на Косово.

„Квалитетот на односите меѓу претседателката Османи и премиерот Курти ќе има големо влијание врз динамиката на косовскиот политички спектар“, заклучи Мухаџири.

И.И.

Слични содржини