Социјалдемократите на данската премиерка Мете Фредериксен се на пат да го остварат најлошиот изборен резултат во повеќе од сто години, откако миграцијата и инфлацијата ја засенија поддршката што ја имаше поради цврстиот став кон Вашингтон во врска со Гренланд.
На власт од 2019 година, Фредериксен (48) во кампањата ги убедуваше гласачите дека нејзините докажани лидерски способности ќе ѝ помогнат на државата да се справи со сложените односи со американскиот претседател Доналд Трамп и со европскиот одговор на војната во Украина.
Но, во вторникот се соочи со ниска излезност и кај лево и кај десно ориентираните гласачи, на кои најголема грижа им е инфлацијата, велат набљудувачите.
Нејзините социјалдемократи, архитектите на повеќедецениската држава на благосостојба, освојуваат 38 места во парламентот Фолкетинг, во споредба со 50 пред четири години. Проекциите на медиумите покажуваат дека левиот блок е нешто пред десните ривали, но нема доволно мнозинство.
Доколку тоа го потврдат и конечните резултати, Фредериксен ќе мора сериозно да се потруди за да освои трет премиерски мандат, а преговорите за формирање влада би можеле да траат со недели.
Бројни левичарски гласачи се фрустрирани од нејзината миграциска политика, која ја сметаат за премногу строга, додека десницата ја доживува како премека и неубедлива во решавањето на економските проблеми.
„Таа е меѓу чекан и наковална, бидејќи бројките за неа се лоши“, изјави Андреас Тиринг, партнер во консултантската компанија „Ulveman & Børsting“.
Брисел ја ценеше Фредериксен поради нејзината решителност во однос на Гренланд и зголемувањето на воените трошоци додека трае војната во Украина. Но, многумина нејзиниот преговарачки стил го доживуваат како премногу остар, а Данците бараа промени.
Изборите внимателно се следат и на Гренланд, каде што многумина се надеваат дека желбата на Трамп за контрола врз островот би можеле да ја искористат за да издејствуваат отстапки од поранешниот колонијален владетел – Данска.
Показател за широко незадоволство од Фредериксен е и порастот на популарноста на антимигрантската Данска народна партија, која по пребројани 90 проценти од гласовите освојува 9,1 процент, што е за седум проценти повеќе отколку на претходните избори.
„Фактот што го утроивме изборниот резултат јасно покажува дека на Данците им е доста и дека многу луѓе сакаат Данска да тргне во поинаков правец“, изјави лидерот на партијата, Мортен Месершмит.