– Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, им соопшти на лидерите на ЕУ дека денес го добила најновиот предлог за царини од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, објави Политико, повикувајќи се на два дипломатски извори.
Тоа е најновиот ангажман меѓу Брисел и Вашингтон, бидејќи ЕУ се соочува со можноста да прифати договор што сè уште вклучува „реципрочна“ царина од 10 проценти, дури и по рокот од 9 јули за постигнување царински договор со САД. Се очекува европските лидери да ѝ кажат на Европската комисија дали сакаат брз трговски договор со САД или се залагаат за строг одговор на царинските закани на Доналд Трамп, објави Танјуг.
Трамп се закани дека ќе воведе царини од 50 проценти за сите стоки од ЕУ почнувајќи од 9 јули, освен ако двете страни не постигнат договор. Повеќето стоки од ЕУ веќе се соочуваат со царина од 10 проценти, со царини од 25 проценти за автомобили и автоделови и 50 проценти за челик и алуминиум.