Половина Швајцарци купуваат од кинески онлајн продавници. „Тему“ на врвот

од Aneta Risteska
112 прегледи

Секој втор Швајцарец минатата година направил барем едно купување од кинески онлајн продавници, објави денеска порталот Компарис.

Најпопуларна платформа е убедливо Тему, која ја избрале 47% од купувачите, следена од Алиекспрес со 20% и Шеин со 16%. Кинеските платформи биле нешто попопуларни кај жените отколку кај мажите.

Според статистичките податоци, постојат значајни регионални разлики. Во германското говорно подрачје на Швајцарија, нешто помалку од 50% од анкетираните купувале на кинески платформи, додека во француското говорно подрачје тој процент изнесува 58%, а во италијанскиот кантон Тичино дури 69%.

Главната причина за купување била ниската цена, што за 71% од купувачите била одлучувачки фактор. Само 12% од анкетираните изјавиле дека производите не можат да се најдат на друго место, пренесува порталот swissinfo.ch, цитирајќи ја агенцијата Танјуг.

Кинеските продавници се најпопуларни меѓу граѓаните со ниски примања според швајцарските стандарди.

Речиси 60% од Швајцарците со месечни приходи помали од 4.000 франци (4.232 евра) купувале од кинески платформи, додека кај луѓето со приходи над 8.000 франци (8.464 евра), овој процент е помал од 50%.

Повеќето купувачи биле задоволни од производите кои ги нудат кинеските онлајн трговци. Според податоците, 28% од испитаниците изјавиле дека се „многу задоволни“, 44% биле „задоволни“, а само 6% биле „незадоволни“.

На прашањето каде најчесто купувале во последните 12 месеци, Тему се нашол на првото место со 18%, швајцарскиот Дигитек Галаксус со 17%, и германскиот Заландо со 15%.

„Кинеските евтини продавници вршат притисок врз домашните онлајн платформи. Сепак, зачестеноста на нарачките нема врска со вредноста на купувањето, бидејќи производите со повисока вредност остануваат во доменот на швајцарските провајдери,“ изјавил Михаел Кун, експерт од порталот Компарис.

Слични содржини