Полскиот премиер повика ЕУ што поскоро да ја изгради својата „железна купола“

од Симе Стоиков
265 прегледи

Полскиот премиер Доналд Туск, со поддршка на данската премиерка Мета Фредериксен, ја повика Европската унија што поскоро да ја изгради својата „Железна купола“, моќен систем за воздушна одбрана како оној што го брани Израел од проектили и беспилотни летала.

„Нападот на Иран врз Израел покажа колку е важно и за нас да добиеме таков систем. Нема причина Европа да нема свој штит против ракети и беспилотни летала. Европа е во опасната зона. Само малку да размислиме што би се случило со Израел доколку ја нема железната купола“, рече Туск на прес-конференцијата со данскиот премиер.

Доналд Туск рече и дека нападот на Иран врз Израел, со кој официјален Техеран започна нова фаза на отворена војна на Блискиот исток, покажа дека светот е на работ, улогите се поделени, а на едната страна од оската се Русија и Иран, кои дејствуваат како воени сојузници.

„Истите ирански беспилотни летала ги напаѓаат украинските населби. Истите дронови го нападнаа Израел. Улогите се поделени. Знаеш што е црно, а што бело. Мораме да ја смениме децениската парадигма во Европа, која се засноваше на претпоставката дека нема да има војна и дека сме под американскиот одбранбен чадор“, рече Туск.

Полскиот премиер додаде дека ако за нешто се согласува со поранешниот американски претседател Доналд Трамп, тоа е дека европските сојузници во НАТО мора да издвојуваат минимум два отсто од БДП годишно за одбрана.

Слични содржини