Пониски плати во Германија од јули

од Milan1
9 прегледи

Зголемените придонеси во Германија ги намалуваат платите на вработените. Некои работници губат и до 250 евра годишно. Просечно зголемување од само еден процент може да ја намали годишната нето заработка за 252 евра.

Сè поголем број граѓани во Германија кои се опфатени со законско здравствено осигурување мора да сметаат на повисоки трошоци – од 1 јули 2025 година, неколку осигурителни фондови имаат зголемени стапки на придонеси, што директно се одразува на износите на платите. Членовите на одредени осигурителни фондови се особено погодени.

Во Германија, придонесите за здравствено осигурување автоматски се одбиваат од бруто платата, како дел од законскиот систем за социјално осигурување, што значи дека секое зголемување директно влијае на нето заработката на вработените.

Задолжителното здравствено осигурување (GKV) во Германија во повеќето случаи се финансира подеднакво – половина ја плаќа работодавачот, а половина вработениот. Сепак, растот на дополнителните придонеси во осигурителните фондови ги намалува износите што вработените ги добиваат на крајот од месецот.

Според податоците од германската организација „Stiftung Warentest“, осигурениците на фондот „Securvita BKK“ сега плаќаат придонеси по стапка од 18,5 проценти, што е зголемување од 0,7 процентни поени. Уште поголем пораст почувствуваа членовите на ИКК, Бранденбург и Берлин, чиј придонес се зголеми за дури 1,25 поени – на вкупно 18,95 проценти.

Фондот IKK – Innovationskasse ја зголеми својата стапка на 18,9%, приближувајќи се до највисоката моментално применлива стапка од 19%, што ја наплаќа Knappschaft (фонд за рударство и социјална заштита). БКК Техноформ, исто така, ја зголеми стапката на 18,09 проценти.

Овој тренд на зголемување на придонесите претставува дополнителен товар врз платите на работниците и укажува на зголемен финансиски притисок во областа на здравственото осигурување. Зголемувања и кај затворените фондови

Покрај јавно достапните фондови, пет затворени фондови наменети за вработените во одредени компании, исто така, ги зголемија придонесите: BMW BKK, BKK PwC, EY BKK, Karl Mayer BKK и Merck BKK. Иако не се вклучени во целокупната споредба, овие зголемувања влијаат на значителен број работници од овие компании.

Од почетокот на годината, вкупно 59 здравствени фондови ги зголемија придонесите уште од 1 јануари. Еден фонд го стори тоа во февруари, три во април, два во мај, а три нови случаи беа регистрирани во јули. Колку всушност значи зголемувањето за работникот?

На пример, со просечна бруто плата во Германија од околу 4.200 евра месечно, зголемувањето на придонесите од само 1% значи дополнително намалување од 21 евро месечно, бидејќи работникот сноси половина од тоа зголемување – 0,5 проценти. На годишно ниво, тоа е околу 252 евра помалку нето добивка, објавуваат медиумите.

Затоа, на осигурените лица во Германија им се препорачува редовно да ги проверуваат условите и бенефициите на нивниот здравствен фонд, особено ако стабилноста на придонесите и квалитетот на дополнителните услуги се важни за нив.

Слични содржини