Најмалку 10 лица загинаа,а 15.000 други се раселени од обилните дождови и лизгањето на земјиштето што зафатија неколку делови на Шри Ланка, соопштија денеска официјални лица во земјата.
Екстремните временски услови во изминатите три дена предизвикаа големи штети и врз куќите и врз земјоделските култури. Четири лица загинаа синоќа во лизгање на земјиштето во две одделни области, пренесе ДПА.
Во Рамбукана, 95 километри источно од главниот град Коломбо, загинаа три лица од едно четиричлено семејство, кои беа затрупани од свлечиште. Едно од нив е спасено, додека телата на трите загинати лица се извлечени од под калта, соопшти полицијата.
Во свлечиште вчера загина и една 23-годишна од централната област Нармала, а останатите шест лица загинаа во неделата.