Поради аферата „Катаргејт“, ЕП им го одзема имунитетот на пратениците

од Radmila Tasevska
191 прегледи

Комисијата за правни прашања на Европскиот парламент (ЕП) утрово едногласно гласаше за одземање на имунитетот на Марк Тарабела и Андреа Коцолино.

Манон Обри, пратеник од Франција, член на групата Левица и известувач за ова досие за имунитет, рече дека гласањето е „недвосмислено“.

Гласањето сега мора да биде потврдено на пленарната седница во четврток. Пратениците велат дека сакале брзо да дејствуваат за да му дозволат на судството во Белгија да ја заврши истрагата „Катаргејт“.

Обри, пак, рече дека е „повеќе загрижена“ за политичките реформи што треба да ги иницира „Катаргејт“ и смета дека политичките групи во ЕП и претседателката Роберта Мецола во суштина ги „закопуваат“ предлозите за институционални реформи во ЕП.

„Денес ништо не може да гарантира што ќе се случи со оглед на слабиот политички одговор. Сепак, кредибилитетот на овој парламент и европската демократија зависи од тоа“, рече Обри.

Европскиот парламент ќе треба да ја потврди оваа одлука за одземање на имунитетот со гласање на пленарна седница во четврток на 2 февруари. Во оваа постапка требаше да биде сослушан белгискиот пратеник Тарабела, но тој побара да не биде сослушан.

Во писмото што го видоа белгиските медиуми што Тарабела го испрати на 23 јануари до Комитетот за правни прашања на ЕП, тој напиша: „Ми се чини дека прашањето за укинувањето на мојот имунитет не треба да се дискутира; тоа секако мора да се укине. Потполно сум свесен за можните последици од ваквото симнување на имунитетот, и самиот сум за тоа. Сакам да се борам!“ пишува Тарабела, која тврди дека е невин.

Андреа Коцолино, исто така, негира каква било вмешаност во корупција. Белгиската истрага откри голема мрежа на корупција во која Катар и Мароко, наводно, поткупувале членови на ЕП, а за возврат барале одлуките поволни за тие две земји да бидат донесени во европскиот законодавен дом.

Пјер Антонио Панчери, поранешен италијански пратеник во Европскиот парламент, потпишал признание и им рекол на истражителите дека ќе соработува со обвинителството и ќе ја каже целата вистина за случајот.

За возврат доби намалување на казната на една година затвор, парична казна од 80.000 евра и конфискација на имот од еден милион евра. Тој обвини двајца европски социјалисти дека добиле пари од неговите раце, кои тој самиот ги добил од Катар. Се верува дека Панчери е мозокот на оваа огромна мрежа на наводна корупција, блиска до Марко Тарабела и Коцолино.

Белгиската истрага го откри случајот во декември минатата година и ја уапси потпретседателката на ЕП Ева Каили. Се тврди дека политичарите од социјалистичката политичка група во ЕП и нивните соработници, семејства и лобисти добивале пари во замена за влијание во ЕП. Белгиските, италијанските и грчките власти водат истрага со заплена на 600.000 евра во готовина, при што се уапсени осум лица, од кои четворица се обвинети за корупција, перење пари и организиран криминал.

Слични содржини