Минатата година Арачиново немаше капка вода за пиење и се снабдуваше со вода од пумпите кои работат на струја, реагира за „Локално“ градоначалникот на општината Арачиново, Ридван Ибрахими, коментирајќи го податокот, што денеска го објави мнистерот Кресник Бектеши, дека оваа приградска општина потрошила 474 проценти струја повеќе споредено со лани.
Податоците за заштеда на електрична енергија што ги објави министерот Бектеши покажуваат дека од вкупниот број, 65 општини постигнале заштеда од најмалку 15% во споредба со минатиот октомври 2021 година.
Според податоците, пак најкритични се само три општини и тоа општините Арачиново со зголемување од 474%, Студеничани со 11% и Лозово со 12 проценти.
Ибрахими потрошувачката на струја ја објаснува со други локални проблеми кои, како што вели, сами си ги решавале.
„Таа потрошувачка е направена за пумпите за вода во општината. Испумпувавме вода од резервоарите. Тие пумпи работат на струја. Од септември проблемот со водата е решен. Ова е причината за зголемената потрошувачка. Цело Арачиново немаше капка вода зашто инсталацијата што ни ја носи водата беше оштетена“,вели Ибрахими.
Проблемот со водоснабдувањето, според него, е решен со нова инстација преку пари обезбедени од донација и сега има вода.
Но со оглед дека оваа есен и зима се во знакот на голема енергетската криза која дополнително е обременета со прашања за можен раст на цените на струјата , експерите со кои разговараше „Локално“ порачуваат дека потребни се краткорочно мерки за штедење и за општините.
Професорот Драган Миновски од Електро техничкиот факултет во Скопје вели дека треба да се почитуваат препораките на владата за штедење и укажува дека добро би било да почнат да се назначуваат одговорни лица во рамки на општините кои ќе ја следат потрошувачката на струја, и редовни ќе реферираат и ќе даваат насоки како да се заштеди.
„Тие лица назначени од градоначалниците треба да бидат одговорни за тоа, треба да имаат задолженија да ја следата потрошувачката на енергија на дневно ниво, а не на месечно ниво”, вели професорот Миновски.
Тој дополнува дека ако не се смалат трошоците за струја, генерално последиците ќе ги почувствуваат сите граѓани.
„Ке нема елкетрична енергија односно ке треба да се увезува се повеќе, а тие трошоци ќе треба сите ние да ги платиме со повисока цена на струјата“, вели професорот на прашање на „Локално“ што ќе се случи ако институции или општини не штедат.
Во врска со податоци за заштеда на електрична енергија на општините министерот Бектеши денеска рече оти тие покажуваат дека доколку сме сите рационални и не трошиме беспотребно, електрична енергија, можат да се направат големи заштеди.
„Сакам да апелирам до сите компании и граѓаните, рационално да се троши електричната енергија. Ние како влада ќе продолжиме да работиме и да носиме мерки за цел олеснување и намалени негативни ефекти од енергетската криза,” рече Бектеши.
М.С.М.