Еден од клучните функционери на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги предупреди европските сојузници дека мора да одлучат дали сакаат да соработуваат со американската технологија, како онаа на Илон Маск, или со кинеската.
Во интервју за „Financial Times“, претседателот на американската Федерална комисија за комуникации (FCC), Брендан Кар, рече дека западните демократии мора да ја „препознаат вистинската долгорочна закана: подемот на кинеската комунистичка партија“.
Коментарот доаѓа во време кога европските влади и компании ја доведуваат во прашање веродостојноста на сателитската мрежа на Маск Старлинк, во сопственост на неговата компанија „SpaceX“. Сомнежите беа зголемени откако Вашингтон се закани дека ќе ја затвори услугата на Старлинк во Украина, предизвикувајќи загриженост за политичкото влијание врз комерцијалните технологии.
Иако британските телекомуникациски компании како што се „BT“ и „Virgin Media O2“ ги тестираат услугите на „Starlink“, ниедна сè уште не склучила постојан договор со давателот на услугата.
Кар, кој беше долгогодишен поддржувач на компаниите на Маск и беше номиниран од Трамп за претседател на „FCC“ по неговиот реизбор, рече дека е „несреќно што политиката влијае на долгорочните технолошки одлуки“.
„Ако сте загрижени за „Starlink“, почекајте додека не ја видите верзијата на Кинеската Комунистичка партија, тогаш ќе бидете навистина загрижени“, додаде тој.
Европската технолошка автономија под притисок
Кар предупреди дека за Европа се отвора „голем јаз“ меѓу земјите кои се поврзани со Кина и оние што не се поврзани, особено во областа на вештачката интелигенција и сателитската технологија. Тој рече дека европските регулатори имаат „вродена пристрасност“ кон американските технолошки компании, обвинувајќи ја Европската комисија за „протекционизам“ и „антиамерикански став“.
„Ако Европа сака да има своја сателитска констелација, одлично, колку повеќе, толку подобро. Но генерално, време е да се одлучи меѓу САД и Кина“, рече Кар.
Во својот одговор, Европската комисија нагласи дека нејзините регулативи важат подеднакво за сите компании и дека тие доследно се спроведуваат во согласност со меѓународните правила.
Во меѓувреме, акциите на европските сателитски компании како што се „Eutelsat“ и „SES“ нагло пораснаа откако Комисијата објави дека финансирањето за пристап до воените сателитски услуги за Украина може да оди преку европските добавувачи. Сепак, експертите предупредуваат дека ниту една европска мрежа се уште не може да се совпадне со понудата на Starlink.
„Нокиа“ истакна дека САД се нивната „втора татковина“, со пет производствени капацитети и пет истражувачки центри, меѓу кои и познатите „Bell Labs“. Ериксон одби да ги коментира изјавите на претседателот на „FCC“.