Порака за поголема меѓународна соработка испратена од Парискиот мировен форум

од Maja Serafimova
140 прегледи

Светските лидери, меѓу кои и францускиот претседател Емануел Макрон денеска од Париз повикаа на поголема меѓународна соработка заради намалување на тензиите во светот.

Околу 30 шефови на држави или влади, високорангирани функционери и челници на 10 меѓународни организации се придружија денеска на стотиците активисти, претприемачи и други на Парискиот мировен форум. САД не испратија претставник на овој собир.

Во својот воведен говор Макрон се заложи за мултилатеризам и „урамнотежена соработка“ меѓу нациите. Алудирајќи на надворешната политика на американскиот претседател Доналд Трамп, Макрон рече дека искушението на унилатеризмот е „многу ризично“.

– Ја пробавме таа опција во минатото – таа води кон војна, истакна Макрон. Светот денес се соочува со криза на политичките и економските системи, а унилатеризмот раѓа национализам, кој води кон војни, порача францускиот претседател.

– Системот на глобална отворена економија беше успешен 70 години и овозможи воспоставување мир во многу региони во светот, а кризата го подели општеството, создавајќи криза на демократијата и повторно го оживеа унилатеризмот, оцени Макрон.

Тема на форумот, кој се одржува и утре, се климатските промени, демографските прашања, миграцијата, судири, тероризам и борба против сиромаштијата.

– Денес светот е како огромен океан во кој сите земји се меѓусебно поврзани и сите сме соочени со истите предизвици, оцени кинескиот потпретседател Ванг Кишан, кој оцени дека „колективен одговор е единствена одржлива опција“.

Избраната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека нејзина визија е „Европа која помага за помирување меѓу оние кои се поделени“. – Потребно е стабилно и одговорно лидерство. Сите мора да придонесеме, рече Фон дер Лајен.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров повика на поголема мешународна соработка. – Клучен недостиг на Советот за безбедност е недоволна застапеност на земјите во развој. Само ако ја зголемиме застапеноста на Азија, Латинска Америка и Африка може да го решиме овој проблем. Би ви го свртел вниманието кон тоа дека во која било конфигурација во Советот за безбедност Западот има најмалку една третина, а понекогаш и повеќе, истакна Лавров во Париз. За сегашните проблеми на Блискиот Исток, Лавров ги обвини САД поради егоцентричната и кусогледа политика – од обновувањето на нуклеарната активност на Иран до тензиите во Израел и палестинските територии и ирачките политички протести.

Парискиот форум за мир воспоставен е лани, по повод сто години од завршувањето на Првата светска војна. Тој е осмислен како годишен собир на државници, политичари, меѓународни организации, невладини организации и бизнисмени, на кој се разговара за различните предизвици во светот. 

Слични содржини