Поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, по вчерашната изјава на премиерот Мицкоски дека „интензивно се работи на ЕУ агендата“, денеска на својот фејсбук профил објави дека „фактите го покажуваат спротивното и дека ЕУ Делегацијата во Скопје официјално потврди оти Министерството за земјоделство ги напуштило реформите во шумарството.
-Не опозицијата, не некој друг – туку самата ЕУ го вели тоа. Во мојот мандат, преку ЕУ беа обезбедени 1,5 милиони евра и поддршка за целосна трансформација на секторот. Како резултат на тоа, беа изработени нов европски Закон за шумите, Закон за формирање Агенција за шумите и шумската полиција, Закон за трансформација на ЈП „Македонски шуми“ и интегриран ИТ-систем за контрола на дрвната маса и шумските пожари, потенцира Николовски.
Но, како што посочи, ДПМНЕ ги повлече законите и реформите ги напушти, а софтверите за следење на дрвната маса се нефункционални.
Зад ваквите одлуки, како што додаде, стојат „антиЕУ центри на моќ кои прават сѐ да не се успее“.