Поранешниот украински претседател Петро Порошенко изјави дека иако украинските партнери стравуваат дека војната против неговата земја може да ескалира во Tрета светска војна, тие треба да се разбудат бидејќи, како што наведе, третата светска војна веќе се случува.
„Имаме севернокорејски војници на територијата на Украина. Имаме беспилотни летала од Иран кои удираат непосредно пред мојата куќа. Имаме севернокорејски ракети кои ја напаѓаат енергетската инфраструктура во Киев и артилериски гранати доставени до Русија од Северна Кореја и Иран“, рече тој во интервју за „Тајмс оф Малта“.
Предупредувајќи дека севернокорејските војници се испраќаат во Украина за да стекнат борбено искуство, поранешниот претседател рече дека војниците ќе се користат во Југоисточна Азија за „уцена на светот“.
Укажувајќи дека, заедно со Иран, таа земја испорачува „повеќе артилериски гранати, ракети и беспилотни летала отколку сите земји-членки на НАТО заедно на Украина“, Порошенко предупреди дека тоа е „главната опасност“ со која се соочува неговата земја и повика на акција, пренесува „Танјуг“.
„Потребен ни е ефикасен механизам за да ги направиме ефективни санкциите и да ги спречиме Иран и Северна Кореја да го испорачаат ова оружје. Тоа би ја направило победата многу поблиска, а Русија многу послаба“, изјави Порошенко.
Поранешниот украински претседател оцени дека лансирањето на руската балистичка ракета со среден дострел „Орешник“ во Украина е „порака до Западот“.
„Украина не се плаши од Владимир Путин, рускиот претседател сака да ги исплаши нашите партнери на Запад“, што му е неопходно за да ги постигне своите цели. Напротив, отсуството на страв ни дава можност да победиме. Путин не се бори само против Украина, тој се бори против Полска, против балтичките земји и мисли дека може да се бори против Германија, бидејќи мисли дека Дрезден, каде што служел како офицер на КГБ, е и руска зона на интерес.“, рече Порошенко, кој беше петти претседател на Украина од 2014 до 2019 година.
Порошенко рече дека целта на неговата земја е да ја спречи Русија да ја продолжи војната и дека употребата на балистичката ракета од стран на Путин „покажа дека тој е вознемирен“.