Португалската влада прогласи состојба на природна катастрофа за областите кои се најпогодени од пожарите.
На северот на земјата, седум лица загинаа во повеќе од 100 шумски пожари досега, во најголемиот пожар во последните години, кој беснееше во текот на викендот.
Тројца пожарникари загинаа во своето возило во вторникот, а еден подлегна на, како што го нарекоа властите „ненадејна болест“ додека бил на должност за време на викендот. Загинаа и тројца граѓани, соопшти цивилната одбрана.
Меѓу најтешко погодените области е областа Авеиро, јужно од северниот град Порто, но неколку големи пожари беснеат и во други шумски области. Властите допрва треба да соопштат податоци за материјална штета или за бројот на евакуирани.
Португалскиот премиер Луис Монтенегро ги повика полициските истражители да ги удвојат напорите за пронаоѓање на оние што ги подметнале пожарите и вети помош за оние кои ги загубиле домовите или биле евакуирани.
Пожарите во Португалија се совпаднаа со поплавите во централна Европа оваа недела. Европската унија денеска соопшти дека екстремните временски услови се доказ за „климатски дефект“.Другите членки на Европската унија, Шпанија, Франција, Италија и Грција ангажираа по два противпожарни авиони за да им помогнат на португалските пожарникари.
Шпанската армија, исто така, испраќа 240 војници и возила од своите баталјони за итни случаи специјализирани за гаснење пожари кај соседот. Експертите ги поврзуваат пожарите со климатските промени и напуштањето на традиционалните земјоделски и шумарски професии.