Посмртните останки на Елизабета Втора во Лондон, стотици илјади граѓани ќе оддадат последна почит

од Stefanija Kuzmanovska

Неколку стотици илјади граѓани се очекуваат од денеска во Лондон, каде Британците ќе ѝ оддадат последна почит на кралицата Елизабета Втора, чиј ковчег синоќа беше пренесен во Лондон речиси една недела по нејзината смрт во Шкотска.

Ковчегот на кралицата, која почина на 8 септември на 96-годишна возраст, синоќа беше пренесен во Бакингемската палата, а по свечената поворка во центарот на Лондон, ќе биде пренесен во Вестминстер Хол, најстарата сала на британскиот парламент.

Од денеска до понеделник наутро, за кога е закажан погребот, Британците ќе можат да дојдат и да ѝ оддадат почит на кралицата која владееше повеќе од 70 години.

Стотици илјади луѓе се очекуваат во Вестминстерската сала, која ќе биде отворена 24 часа дневно за оваа пригода, но ќе биде потребно трпение бидејќи се очекува редиците да бидат долги неколку километри.

Ковчегот веќе беше изложен во катедралата во Единбург, каде повеќе од 33.000 луѓе чекаа со часови за накратко да се поклонат пред него.

Слични содржини