Потпретседателката на Филипините, Сара Дутерте рече дека треба да се убие претседателот Фердинанд Маркос Џуниор, ако таа самата биде убиена, што ја натера канцеларијата на Маркос на „итна соодветна акција“.
Во драматична слика за продлабочувањето на јазот меѓу двете најмоќни политички семејства на оваа земја во Југоисточна Азија, Дутерте на прес-конференција рече дека разговарала со атентаторот и му наложила да ги убие Маркос, неговата сопруга и претседателот на филипинскиот парламент, ако таа самата била убиена.
„Реков не застанувај додека не ги убиеш, а потоа тој рече „да“, изјави Дутерте.
Канцеларијата за претседателски комуникации одговори со соопштение во кое се вели:
„Постапувајќи по јасната и недвосмислена изјава на потпретседателката дека таа ангажирала атентатор да го убие претседателот доколку успее наводниот заговор против неа, извршниот секретар ја проследи оваа активна закана до претседателската безбедносна команда за итна соодветна акција“.
„Секоја закана по животот на претседателот мора секогаш да се сфати сериозно, особено што оваа закана беше јавно откриена на јасен и несомнен начин“, се вели во соопштението за печатот.
Кабинетот на Дутерте не одговори веднаш на барањето за коментар на изјавата од претседателскиот кабинет.
„Оваа земја оди по ѓаволите бидејќи нè води личност која не знае да биде претседател и која е лажго“, рече таа на пресот.
Дутерте, ќерката на претходникот на Маркос, поднесе оставка од неговата влада во јуни, додека остана потпретседател, сигнализирајќи го колапсот на силната политичка алијанса што им помогна на неа и на Маркос, синот и истоименикот на покојниот авторитарен лидер, да обезбедат убедлива изборна победа во 2022 година.
Претседателот на парламентот Ромуалдез, братучед на Маркос, го намали буџетот на кабинетот на потпретседателот за речиси две третини. Испадот на Дутерте е последен во низата зачудувачки индикации за раздор во врвот на филипинската политика.
Во октомври таа го обвини Маркос за неспособност и рече дека замислува да му ја отсече главата.
Двете семејства се во судир околу надворешната политика и смртоносната војна на поранешниот претседател Родриго Дутерте против дрогата.
На Филипините, потпретседателот се избира одвоено од претседателот и нема официјални должности. Многу потпретседатели беа ангажирани во општествениот развој, додека некои беа именувани на позиции во Владата.