Американската потпретседателка Камала Харис, која денеска во Вашингтон ќе го пречека Бени Ганц, член на израелскиот воен кабинет, побара прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа кој би овозможил евакуација на заложниците и испраќање значителна хуманитарна помош во палестинската енклава, пренесува „Еуроњуз“.
Центристот Ганц ќе разговара со неколку високи претставници на американската влада, пркосејќи му на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој не ја одобри неговата посета на САД – според претставник на крајнодесничарската партија „Ликуд“ на Нетанјаху- фрлајќи светло врз се подлабокиот јаз во зраслекиот комитет речиси шест есеци по почетокот на израелската војна против Хамас.
На средбата со Ганц, Харис ќе инсистира на привремен прекин на огнот, што ќе овозможи ослободување на некои заложници кои се уште се во рацете на палестинските милитанти. Израел во основа е согласен со предлогот, но сега се чека и на одлуката на Хамас.
„Со оглед на ужасните страдања во Газа, мора да има итен прекин на огнот во траење од најмалку шест недели, за што во моментот се разговара. Ова ќе ни овозможи да изградиме нешто потрајно за да увериме Израел дека е безбеден и да ги почитува правата на палестинскиот народ на достоинство, слобода и на самоопределување,“ посочи таа.
Ганц, од своја страна, планира да ги зајакне врските со САД, да ја поттикне поддршката за израелската војна против Хамас и да изврши притисок за ослободување на израелските заложници.
Средбата на Харис со Ганц доаѓа само неколку дена откако голем број Палестинци беа убиени додека се обидуваа да стигнат до конвојот со хуманитарната помош што САД ја испорача со падобрански пратки.
Харис во неделата побара од Израел да вложи напори за значително да се зголеми протокот на помош.
„Нема оправдувања. Мора да отворат нови гранични премини. Не смеат да наметнуваат никакви непотребни ограничувања на испораката на хуманитарна помош,“ предупреди таа.