Престанува мандатот на Мери Радевска како член на Судскиот совет поради пензионирање

од Radmila Tasevska

Судскиот совет на денешната 476 седница донесе одлука за престанок на мандатот на судијката Мери Радевска како член на Советот поради пензионирање.

Одлуката за престанок на мандатот на Радевска заклучно со 31.1.2024 година Советот ја донесе со десет гласа за и еден против.

Советот претходно едногласно донесе решение со кое се утврдува престанок на судиската функција на Мери Радевска, судијка од Основниот суд Битола, поради исполнување на услови за старосна пензија.

Радевска пред гласањето посочи дека нема да учествува во расправата и одлучувањето по оваа точка. Според неа, таа воопшто и не требало да биде ставена на дневен ред бидејќи судиска функција што мирува не може да престане поради исполнување на услови за пензија.

–  Бидејќи судиската функција ми мирува, согласно член 53 од Законот за судови, определено е и во законот и во одуката што ја имам добиено, дека таа функција мирува за времето додека ја вршам должноста за која сум именувана, односно избрана. Сметам дека таа судиска функција, бидејќи мирува, не може да биде прекината со одлука на Судскиот совет во овој момент, изјави Радевска.

За член на Судскиот совет Мери Радевска е избрана на 26.08.2020 година.

Мандатот на избраните членови, согласно Законот за Судски совет трае шест години со право на уште еден избор.

Слични содржини