Пресуши единственото природно езеро на Сицилија

од Milan1
59 прегледи

Поради сушата што ја погоди Сицилија, единственото природно езеро на тој медитерански остров, прибежиште за птиците на патот меѓу Африка и Европа, речиси исчезна.

На Сицилија со месеци има недостиг од врнежи поради што италијанската влада беше принудена да прогласи вонредна состојба таму.

Езерото Пергуза, дел од природниот резерват во близина на централниот сицилијански град Ене, драматично пресуши поради фаталната мешавина на високи температури и недостиг на дожд, соопштија научниците.

„Езерото веќе го нема. Делот од водата што беше видлив целосно исчезна, освен ова езерце“, изјави Џузепе Марија Амато од еколошката организација „Легамбиенте“ покажувајќи ја преостанатата вода.

Сицилија, остров со речиси пет милиони жители, веќе подолго време се справува со високите температури предизвикани од климатските промени. Пред три години таму беше забележан европски рекорд од 48,8 степени, а некои градови воведуваат рестрикции на вода.

Во последните години сушите ги погодија и другите делови на Европа, како Франција и Шпанија. Особено загрозен е Медитеранот, каде што просечната температура денес е 1,5 степен повисока отколку пред 150 години.

Слични содржини