Претседателот на Боцвана и се закани на Германија: Ќе ви испратиме 20.000 слонови

од Симе Стоиков
182 прегледи

Претседателот на Боцвана, Мокгвеци Масиси се закани дека ќе испрати 20.000 слонови во Германија, во период кога двете земји се расправаат околу увозот на ловечки трофеи.

„Не се шегувам. Многу е лесно да се седи во Берлин и да се има мислење за нашите работи во Боцвана. Ние ја плаќаме цената за зачувување на овие животни за светот“, изјави Масиси за германскиот таблоид Билд, пренесува Политико.

Масиси ја нападна германската влада, а особено Министерството за животна средина, предводено од Штефи Лемке од Зелените, дека сака да го забрани увозот на трофеи од Боцвана, и покрај фактот што земјата е дом на дури 130.000 слонови, поради што веќе испрати 8.000 во Ангола.

„Ние ќе дадеме таква понуда и до Сојузна Република Германија и нема да земеме не за одговор. Сакаме нашите слонови да шетаат слободно и бидејќи толку многу ви се допаѓаат, ве молиме прифатете го овој подарок од нас“, рече Масиси.

Официјални лица во јужноафриканската земја веќе протестираа против потенцијалната британска забрана за увоз на трофеи кои што ги носат ловците од сафари, предупредувајќи дека ќе испратат 10.000 слонови во Хајд парк во Лондон.

Групата за права на животните ПЕТА го поддржува потегот на Германија да го ограничи и на крајот да го забрани увозот, нарекувајќи го ловот на трофеи „хоби на богатите луѓе, кои имаат повеќе пари отколку морал“.

„Огромните суми пари потрошени за лов од страна на аматерски ловци не завршуваат кај сиромашните луѓе или кај властите на националниот парк, туку речиси исклучиво во џебовите на туроператорите и сопствениците на фарми за дивеч“, изјави портпаролот на ПЕТА за Политико.

Боцвана треба целосно да го забрани ловот на трофеи и наместо тоа да се потпира на фототуризмот за да генерира приходи, додаде портпаролот, истакнувајќи дека живите животни ќе направат повеќе за имиџот на земјата.

Претседателот на Боцвана, сепак, ја опиша ситуацијата со слоновите во неговата земја како сериозна, газејќи луѓе до смрт, уништувајќи ги посевите и уриваат цели села.

Тој го повика германскиот министер да изврши увид во заштитата на дивиот свет во Боцвана и нагласи дека неговата земја прави повеќе „од било која друга во светот“ за заштита на слоновите и дека забраната за увоз на трофеи дополнително ќе ја зголеми сиромаштијата.

Слични содржини