Влегувањето на НАТО во конфликтот во Украина може да предизвика Трета светска војна, предупреди денеска претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
„Ние правиме се што треба да не го заоструваме конфликтот. Русија е нуклеарна сила и ние сме многу свесни дека ако овој конфликт се претвори во конфликт на НАТО против Русија, тогаш ќе добиеме Трета светска војна“, изјави Мишел во интервју за шпанскиот весник „Ел Паис”.
Тој додава дека е во постојан контакт со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој според Мишел имал дополнителни барања од ЕУ.
„Точно е дека сакаше повеќе. Но, проширувањето на ЕУ е чувствително прашање за кое сите европски земји не го делат истото мислење“, рече Мишел.
Според него, ЕУ треба да ги земе предвид и земјите со кои веќе почна пристапниот процес.
„Мораме да ги поддржиме нашите партнери кои гледаат кон слободниот свет. Договорите за влез во ЕУ имаат огромен потенцијал, кој е потценет“, нагласи претседателот на Европскиот совет.