Презентирани Препораките за етичко известување за млади и деца

од Берта Китинска
296 прегледи

Да се избегнува дискриминација, стереотипи и сензационалистички начини на известување за децата и младите, да се почитува и афирмира нивниот дигнитет и да им се обезбеди пристап до медиумите за да ги искажат своите гледишта. Ова се дел од Препораките за етичко известување за млади и деца кои Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) ги изработи во соработка со Првата детска амбасада во светот „Меѓаши”, во консултација со професионални медиумски и новинарски организации.

Препораките предвидуваат медиумите да ја нагласат нивната едукативно-превентивна улога кога известуваат за деца и млади и да ги заштитат од дезинформации, пропаганда или манипулација. Исто така, да обезбедат заштита на децата и младите кога се јавуваат како извори на информација, а не само како жртви, да го заштитат нивниот идентитет и да ја почитуваат презумпцијата на невиност.

На денешното претставување на препораките, директорката на СЕММ Марина Тунева кажа дека Советот продолжува да ја следи работата на медиумите, но и да работи на промоција и надградба на етичките и професионалните стандарди за известување.

„На циклусот средби што се одвиваа во текот на изминатите месеци, како со колегите во медиумите, така и со граѓанскиот сектор беше истакната потребата од одржување највисоки етички и професионални стандарди во однос на заштитата на децата, подобрувањето и афирмацијата на нивните права, без на кој било начин да се наруши слободата на изразување или да се засегне новинарската независност”, изјави Тунева.

Претседателката на Управниот одбор на СЕММ, Катерина Синадиновска нагласи дека препораките се однесуваат на тоа како децата и младите да бидат застапени во медиумските содржини и на каков начин треба да бидат презентирани,

„Кога ги изработувавме овие препораки два моменти ни беа клучни. Едниот е кога не смее младите и децата да бидат застапени во медиумите, односно на каков начин треба да бидат заштитени од јавноста и каде е границата меѓу јавниот интерес и изложувањето на идентитетот на младите и децата. Другиот беше кога се вклучени и опфатени во известувањето, на каков начин тоа треба да се прави”, истакна Синадиновска. Претседателката на СЕММ додаде дека овие препораки во иднина би послужиле за дополнување на Кодексот на новинари и за изработка на посебно упатство или насоки за известување за деца и млади.

Претседателот на „Меѓаши”, Драги Змијанац вели дека неопходно е приоритет на сите да биде интересот на детето и да не се прави сензација заради поголема видливост и гледаност на медиумот.

„Веќе е подигнато нивото на свесност од страна на новинарот како да известува, а притоа да не му наштети на детето – да има двојна стигматизација, да се виктимизира, да се етикетира, да се изложува дополнително на опасности од секаков вид”, рече Змијанац.

По презентацијата на препораките, настанот продолжи со отворена седница на Комисијата за жалби, на која членовите дискутираа за професионалните и етичките медиумски стандарди за известување за деца и млади. Претседателот на Комисијата Мирче Адамчевски кажа дека препораките ќе им помогнат во нивната работа.

„Во праксата имаме многу случаи кои се однесуваат на малолетни лица и досега го користевме Кодексот на новинари, но сметам дека сега ќе можеме уште попрецизно и полесно да ги разгледуваме новите жалби кои ќе се поднесуваат за заштита на малолетниците”, кажа Адамчевски.

 

Настанот на СЕММ се одржа во рамките на Неделата за медиумска писменост, а активноста е дел од проектот „ЕУ поддршка за подобрување на медиумската етика”, финансиран од Делегацијата на Европската Унија.

Слични содржини