Изминатата 2025 година не беше добра за германскиот производител на автомобили „Фолксваген“: профитот речиси се преполови. Во споредба со претходната година, нето добивката на групацијата во 2025 година се намали за околу 44 проценти – од 12,4 милијарди евра на 6,9 милијарди евра, објави најголемиот европски производител на автомобили.
Дивидендата, од 5,26 евра по преференцијална акција, би требало да биде за 17 проценти пониска од претходната година, пишува DW.
Како што објави компанијата, оперативната добивка исто така е приближно преполовена и изнесува 8,9 милијарди евра. Приходите стагнираа на 322 милијарди евра.
Финансискиот директор Арно Антлиц изјави дека годината е обележана со комбинација од геополитички тензии, царини и многу жестока конкуренција.
Реструктуирањето во компанијата, додаде тој, покажува напредок, а нето паричниот тек е подобар од очекуваното.
„Меѓутоа, сегашното ниво на резултати од 4,6 проценти пред реструктуирањето на долг рок не е доволно.“
Кога станува збор за продажбата во 2025 година, таа падна под границата од девет милиони возила: 8,98 милиони автомобили од сите марки беа испорачани низ целиот свет, што е за 0,5 проценти помалку од претходната година.
Во Европа, групацијата дури и забележа раст, но тоа не можеше да го компензира падот во Кина и Северна Америка.
За важниот американски пазар особено оптоварување претставува царинската политика на американскиот претседател Доналд Трамп.
Покрај тоа, условите за електричните автомобили станаа потешки: Трамп, меѓу другото, ги промени прописите за издувни гасови и ги укина субвенциите за електрични возила, поради што американските автомобилски гиганти мораа да отпишат десетици милијарди долари.
Поради тоа со проблеми се соочува и планираната нова фабрика на „Фолксваген“ за електрични пикапи, „Скаут“.
Фолксваген е дополнително оптоварен и од случувањата во Порше: дебаклот на кинескиот пазар и трошоците за промена на стратегијата од повеќе милијарди евра доведоа до огромен пад на профитот на производителот на спортски автомобили.
Како што соопшти матичната компанија „Фолксваген“, оперативниот резултат на Порше во 2025 година изнесувал само 90 милиони евра, во споредба со речиси 5,3 милијарди евра една година претходно.
Вклучувајќи ги и финансиските услуги, производителот на спортски автомобили остварил профит од 413 милиони евра, додека во 2024 година остварил профит од 5,6 милијарди евра.
Порше страда од последиците од падот на продажбата во Кина, зголемените американски царини и погрешната пресметка на брзината на транзицијата кон електрични автомобили. Бидејќи љубителите на спортски автомобили сè уште се врзани за моторите со внатрешно согорување, компанијата се враќа на вакви модели со конвенционален погон.
Според изјавите на конференцијата на аналитичарите на крајот на јануари, Порше очекува понатамошен пад на продажбата оваа година, но стапката на профит треба да се поправи за повеќе од пет проценти.
По остриот пад на профитот минатата година, „Фолксваген“ во 2026 година очекува подобрување. Маржата на оперативен профит пред камати и даноци би можела да се подобри на помеѓу 4,0 и 5,5 проценти оваа година, соопшти компанијата.
Минатата година, таа падна повеќе од очекуваното – за 3,1 процентни поени, на 2,8 проценти – бидејќи бизнисот во Кина остана слаб, а американските царини дополнително ја погодија компанијата.
Аналитичарот на Дојче Банк, Тим Рокоса, гледа можност за „Фолксваген“ првенствено во неговиот кинески бизнис, кој во последно време подзастана. Стратегијата „во Кина за Кина“, односно изградбата на еден вид „втор Волфсбург“, е единствениот пат што ветува успех, напиша тој во анализа на почетокот на февруари.
Преку локалните синџири на снабдување, „Фолксваген“ би можел да добие одлучувачка предност пред своите западни конкуренти.
Според Рокоса, инвеститорите моментално не даваат никаква, или дури и негативна вредност на кинеските операции на „Фолксваген“, што значи дека успехот на таа стратегија би можело да ја зголеми цената на акциите.