Ракетен фрлач е пронајден завиткан во црна кеса во граничната област Зубин Поток, кај селото Клечка, соопшти заменик-директорот на полицијата за Северна Митровица, Ветон Елшани, кој рече дека нема осомничени или уапсени лица во врска со случајот. Тој додаде дека областа каде што е пронајден овој ракетен фрлач е многу блиску до границата со Србија.
„На 03.02.2025 година околу 16,00 часот, додека полициски службеници патролирале на граничниот појас Зубин Поток кај село Клечка во врска со информации за алтернативни патишта за шверц на стока, наишле на црна најлонска кеса во која имало нешто сомнително. Откако регионалната форензика пристигна на местото на настанот, забележавме дека се работи со ракетен фрлач М80 калибар 64 милиметри“, изјави Елшани.