Протечен разговор: Орбан му порача на Путин дека е „глушец што му помага на лавот“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан му рекол на рускиот претседател Владимир Путин дека е подготвен да му помогне „во кој било поглед“, вклучително и во организација на разговори поврзани со војната во Украина, произлегува од досега необјавен телефонски разговор што го објави „Блумберг“ на 7 април

од Кристијан Димков
10 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/ДВ

Според транскриптот на унгарската влада, во кој увид имал „Блумберг“, Орбан за време на разговорот на 17 октомври 2025 година му порачал на Путин: „Нашето пријателство вчера достигна такво ниво што можам да помогнам во сè. Во сè каде што можам да бидам од помош, ви стојам на располагање.“

За дополнително да ја нагласи својата порака, Орбан се споредил со глушецот од познатата басна кој му помага на лавот, што, според транскриптот, предизвикало смеа кај рускиот претседател.

Разговорот, кој траел помалку од 15 минути со превод, досега не бил јавно објавен. „Блумберг“ наведува дека нуди редок увид во тонот и содржината на директната комуникација меѓу двајцата лидери. Една од клучните теми била можноста за одржување средба на високо ниво меѓу Русија и САД. Орбан изразил подготвеност да помогне во организацијата на таква средба во Будимпешта, идеја што во тоа време се разгледувала.

Според истиот извор, Путин изложил можен рамковен план за таква средба, вклучително и претходни разговори меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио, со можност за вклучување и на унгарскиот министер за надворешни работи.

Путин притоа ја опишал Унгарија како една од ретките европски земји прифатливи за одржување вакви разговори, наведувајќи дека е „можеби единствената“ опција во тогашните околности.

Разговорот бил одбележан и со меѓусебни пофалби. Орбан истакнал дека неговиот однос со Путин се продлабочил, додека рускиот претседател ја пофалил „независната и флексибилна“ позиција на Унгарија во врска со војната во Украина. „Блумберг“ наведува дека автентичноста на транскриптот ја потврдила личност запознаена со содржината на разговорот. Иако до средба во Будимпешта на крајот не дошло, разговорот укажува на подготвеноста на Унгарија да се позиционира како посредник во контактите со Русија, за разлика од повеќето европски држави кои одржуваат дистанца кон Москва.

Повикот започнал со честитка од Орбан до Путин по повод неговиот роденден, а завршил со личен разговор за здравјето и секојдневните обврски.

Претходно, Орбан јавно порача дека Унгарија ќе продолжи да го блокира европското финансирање на Украина сè додека не се обнови транзитот на руската нафта преку нафтоводот „Дружба“, оценувајќи дека за неговото функционирање не постојат технички пречки и дека станува збор за политичка одлука на украинските власти.