Протекоа документи: Украина бара од ЕУ построги санкции кон Русија

од Milan1
22 прегледи

Белата книга ја повикува ЕУ да размисли за користење на правилото за мнозинство кога одлучува за санкции за да ги спречи поединечните земји-членки да ги блокираат мерките кои вообичаено бараат едногласност

Следната недела Украина ќе побара од Европската унија да разгледа нови, построги мерки за понатамошна изолација на Москва, вклучително и запленување имот и воведување санкции за одредени купувачи на руска нафта. Овој потег доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп се повлекува од заострувањето на санкциите кон Русија, пренесува Ројтерс.

Што е сето напишано во белата книга

Во досега необјавената бела книга, која Украина има намера да ја претстави на Унијата, членките се поканети да усвојат поагресивен и понезависен однос кон санкциите бидејќи постои неизвесност за понатамошната улога на САД во ова прашање. Документот содржи околу 40 страници препораки, меѓу кои е и предлог да се донесе закон со кој ќе се забрза конфискацијата на имотот на санкционираните лица, а тие средства потоа би се насочиле во Украина.

ЕУ, исто така, треба да размисли за посилно спроведување на санкциите надвор од нејзините граници, вклучително и насочени мерки против странски компании кои користат европска технологија за да и помогнат на Русија и воведување секундарни санкции за купувачите на руска нафта, како што се Индија и Кина.

Ваквите секундарни санкции би биле голем чекор напред бидејќи Европа досега не беше подготвена да преземе такви чекори. Трамп јавно разговараше за таа опција, но одлучи да не воведува нови санкции засега. Белата книга, исто така, сугерира ЕУ да размисли за мнозинство гласови за воведување санкции за да спречи поединечни членки да блокираат мерки за кои е потребно едногласност.

Откако Трамп разговараше со Путин во понеделникот, тој одлучи да не воведува нови санкции, разочарувајќи ги европските и украинските лидери кои со месеци лобираат да го зајакнат притисокот врз Москва. Трамп по разговорот со украинските и европските лидери рече дека не сака сега да воведува санкции и дека сака да им даде шанса на разговорите.

И покрај тоа, ЕУ и Велика Британија во вторникот воведоа дополнителни санкции кон Русија, надевајќи се дека САД ќе им се придружат, а Европејците веќе отворено разговараат за начините да го задржат притисокот врз Москва доколку Вашингтон отстапи. Санкциите се насочени кон руската флота на танкери во сенка и финансиски фирми кои и помогнаа на Русија да ги ублажи ефектите од претходните санкции.

Новите мерки имаат за цел да ѝ оневозможат на Русија пристап до клучните воени технологии и да ги намалат приходите од продажбата на енергија. Високиот европски претставник за надворешна и безбедносна политика Каја Калас вели дека ова е најобемниот пакет санкции досега.

„Додека Путин глуми интерес за мир, се подготвуваат нови санкции и колку подолго Русија опстојува во својата незаконска и брутална војна, толку поостар ќе биде нашиот одговор“, рече Калас. Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами предупреди дека „одложувањето на мировните напори ќе ја удвои нашата посветеност да и помогнеме на Украина и да користиме санкции за да ја зауздаме воената машина на Путин“. ЕУ ја ограничи цената на руската нафта на 60 долари за барел во 2022 година, со цел да ги намали приходите на Русија од финансирањето на војната во Украина. Меѓутоа, за да ги заобиколи санкциите, Русија користи танкери кои пловат под знамињата на трети земји, а често се нерегистрирани и неосигурани.

Новиот пакет санкционира и 45 руски компании и поединци кои ја снабдуваат руската војска со беспилотни летала, оружје, муниција, воена опрема, критични компоненти и логистичка поддршка. Советот на ЕУ, исто така, додаде 31 правен субјект на списокот на оние кои се подложени на построги ограничувања за извоз на стоки и технологија со двојна употреба поради нивната поддршка за рускиот воен и индустриски комплекс. Некои од нив се лоцирани во трети земји (Србија, Обединетите Арапски Емирати, Турција, Виетнам и Узбекистан) и се вклучени во заобиколувањето на извозните ограничувања, вклучувајќи беспилотни летала или компјутерски нумерички контролирани машински алати.