Двајца Американци и еден руски државјанин се меѓу 20-те уапсени од полицијата во Тбилиси за време на протестот поради контроверзниот закон за „странски агенти“ што предизвика политичка криза во Грузија, соопшти вчера грузиското Министерство за внатрешни работи. На повик на опозицијата, демонстрантите се собраа и останаа прексиноќа пред грузискиот парламент за да ги спречат пратениците вчера да влезат во парламентарната зграда, пренесува Ројтерс.
Но, пратениците од владејачкото мнозинство успеаја да влезат во собраниската зграда, каде и покрај бојкотот на опозиционерите, се одржа кратка едноминутна седница на судската комисија, на која и формално беше одобрен спорниот закон. Се очекува Собранието да го донесе законот на денешната трета и последна расправа. Русија во моментов нема амбасада во Грузија поради меѓудржавен спор околу два грузиски сепаратистички региони поддржани од официјална Москва.