Првите зборови на германскиот канцелар по итниот состанок на европските лидери: Три работи не смеат да им се одземат на Украинците

од Milan1
731 прегледи

Германскиот канцелар Олаф Шолц се огласи по итниот состанок на европските лидери во Париз, организиран од францускиот претседател Емануел Макрон. Макрон ги повика сите лидери на мировни преговори за војната во Украина по шокантната вест што ја откри специјалниот американски пратеник Кит Келог дека Европа нема да учествува во мировните преговори за Украина, туку ќе има советодавна улога.

„Ја поздравуваме иницијативата за преговори, но за нас тоа (исклучувањето на Европа) не може да биде диктат. На Украинците мора да им се дозволи правото да се бранат, да го продолжат својот пат кон членство во Европската унија и да имаат силна армија. За овие работи не треба ни да се преговара.

„Потребни се нови извори на финансирање за Украина, како и дополнителна поддршка за земјата. Не смее да има јаз меѓу Европа и САД за безбедносните прашања. НАТО Алијансата е исклучително важна“, рече Шолц, а пренесува „Гардијан“.

Минатиот викенд се одржа Минхенската безбедносна конференција, на која американскиот специјален пратеник Кит Келог најави дека Европа нема да учествува во мировните преговори за ставање крај на војната во Украина, туку ќе има советодавна улога.

Првата фаза од руско-американските преговори започнува во вторник на 18 февруари во Ријад, Саудиска Арабија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина не ги признава руско-американските преговори. Во среда тој исто така ќе биде во Ријад, но според досегашните информации нема да присуствува на преговорите за прекин на конфликтот во Украина.

Слични содржини