Путин ги стави нуклеарните сили во „состојба на готовност“: Што навистина значи тоа?

од Nikola Popovski
276 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин и нареди на армијата да ги стави нуклерните сили во „висока состојба на готовност“, а како причина ги наведе „агресивните изјави на земјите од НАТО“. Тоа, пак, не значи дека всушност ќе се користи нуклеарно оружје.

Теоријата за висока готовност во војна, инаку, вели дека една сила, под закана од такво оружје (на пример, нуклеарни бомби), би се откажала од својата првобитна цел – воена интервенција, т.е. да биде одвратен од преземање акција. Токму тоа се случи за време на Студената војна, а се верува дека заканата од нуклеарен напад е она што ги спречи САД и Советскиот Сојуз да започнат нова војна.

Рускиот лидер „меѓу редови“ веќе ја спомна потенцијалната подготвеност за употреба на нуклеарно оружје кога ја започна инвазијата на Украина. Минатата недела тој предупреди дека „кој и да се обиде да ја попречи Русија“ ќе трпи последици „како што не биле видени во историјата“. Овие зборови нашироко се толкуваат како закана за употреба на нуклеарно оружје доколку Западот застане на патот на Русија.

Префрлувањето на режим на висока тревога е начин Москва да испрати предупредување, а веројатно би го олеснило лансирањето на нуклеарно оружје, но тоа не значи дека ќе се користи, пишува Би-Би-Си. Русија ги има најголемите залихи на нуклеарно оружје во светот, но исто така знае дека НАТО има доволно да ја уништи Русија доколку реши да направи таков потег.

Целта на наредбата на Путин е веројатно да ги одврати земјите од НАТО да ја поддржат Украина, со тоа што постојано ќе бидат во неизвесност до каде е подготвен да оди, како и што точно ќе смета за „капка која ќе ја прелие чашата“ кога станува збор за поддршката на Украина.

САД го осудија потегот на рускиот претседател, велејќи дека тоа е „непотребна ескалација“.

„Ова значи дека претседателот Путин продолжува да ја ескалира војната на начин кој е целосно неприфатлив и ние мора да продолжиме да ги воздржуваме неговите потези колку што е можно повеќе“, изјави за Си-Би-Ес американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд.

Слични содржини