Кога ја започна инвазијата на соседна Украина во февруари, рускиот претседател Владимир Путин зборуваше за „специјална воена операција“. Овој термин го користат руското Министерство за одбрана, Кремљ и руските режимски медиуми. Но, вчера тој рече дека Русија сака крај на војната во Украина и дека сите вооружени конфликти завршуваат со дипломатски преговори.
-Нашата цел не е да го свртиме тркалото на воениот конфликт, туку, напротив, да ставиме крај на оваа војна. Ќе се обидеме да ја завршиме (војната), што побрзо, толку подобро, се разбира – рече Путин.
Промената на наративот беше анализирана од американскиот Институт за одбрана и безбедност за проучување на војната (ISW), кој наведе дека употребата на зборот „војна“ од Путин во контекст на инвазијата предизвика одредена конфузија во рускиот информативен простор. Путин, потсетува ISW, го употреби и зборот војна кога ја обвини Украина дека започнала војна против населението што зборува руски во 2014 година.
Спомнувањето на „војна“ од Путин поттикна неколку руски воени блогери да кажат дека и двете фрази – војна и специјална воена операција – отсекогаш биле користени наизменично бидејќи „секој мислител знае дека она што се случува во Украина е вистинска војна“, и покрај тоа што Русија никогаш официјално не и објави војна на Украина.
Конфузијата сугерира дека ограничениот воен наратив на Путин може да биде во спротивност со неговото претставување на „специјалната воена операција“ како борба за суверенитет на Русија, иако војната не е официјално објавена, пренесува ISW.
Критичарите на Путин велат дека употребата на зборот „војна“ за да се опише конфликтот во Украина е практично нелегална во Русија од март, кога рускиот лидер потпиша закон за цензура што го прави кривично дело ширењето „лажни“ информации за инвазијата, со казна затвор до 15 години.