Драстичниот потег е дел од поширокото американско ветување за декарбонизација на енергетскиот сектор до 2035 година, а потоа постигнување јаглеродна неутралност на целата економија до средината на векот.
Минатата недела, американската Агенција за заштита на животната средина објави строги регулативи кои ги оставаат електраните на јаглен таму со два избора: или да го „заробат“ ослободениот јаглерод диоксид или да се затворат.
Термоенергетските блокови во Соединетите Американски Држави (САД) со план за затворање до 2039 година, ќе подлежат на нешто полабави ограничувања за штетните емисии. Додека погоните кои планираат да бидат отворени на долг рок, односно по 2039 година ќе мора да ги намалат или зафатат 90% од емисиите на јаглерод диоксид.
Тоа е, во моментов, многу скапа технологија која засега не е во масовна употреба, но во иднина се очекува пад на цените и нејзиниот напредок, особено со оглед на даночните поволности во САД.
Од друга страна, термоцентралите на јаглен кои ќе бидат затворени до 2032 година не мора да ги почитуваат новите мерки.
Но, иако е медиумски најекспонирано , ова е само едно правило во цела низа нови стандарди насочени кон драстично намалување на загадувањето од фосилните горива. Меѓу другото, заострени се лимитите за испуштање отровни метали, како и отпадни води, а се воведува и побезбедно управување со пепелта од јаглен.
Целта е иста: сузбивање на климатските промени, намалување на различните загадувачи и подобрување на здравјето на населението.
Овој радикален потег го претставува најамбициозниот напор на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да се справи со загадувањето предизвикано од производството на електрична енергија. Тие се дел исто така од поширокото ветување на Бајден за декарбонизација на енергетскиот сектор до 2035 година, а потоа постигнување јаглеродна неутралност на ниво на целата економија до средината на векот.
Ова е исто така прв пат федералната влада да ги ограничува штетните емисии од постоечките електрани на јаглен.
„Оваа година, проекциите покажуваат дека САД ќе изградат повеќе нови капацитети за производство на енергија отколку во изминатите две децении, а 96% од тоа ќе биде чиста енергија. Така победуваме за иднината, со имплементирање на нови технологии за раст на нашата економија, постигнување еколошка правда и спасување на планетата за идните генерации.нагласи националниот советник за клима, Али Заиди.
Според проценките на надлежната агенција, со овие стандарди до 2047 година ќе се избегне атмосферско загадување со 1,38 милијарди тони гасови кои ја загреваат планетата. Тоа е приближно еднакво на годишните емисии од 328 милиони автомобили.
Намалувањето на штетните емисии ќе има позитивно влијание и врз климата и врз здравјето. Понатаму, климатските и здравствените придобивки се мерат во стотици милијарди долари и според агенцијата, многу ги надминуваат трошоците за исполнување на стандардите.
На пример, како што покажува анализата објавена од ЕПА, само во 2035 година ќе се избегнат до 1.200 предвремени смртни случаи, како и вкупно над 100.000 дена отсуство од училиште или работа. Еколошките групи ја поздравија најновата акција на агенцијата, опишувајќи ја како многу потребна во борбата против суровите ефекти од климатските промени.
Сепак, не сите ја делат истата перспектива…
На одлуката се спротивставија федералните држави со кои владееја републиканци, на пр. од Западна Вирџинија, како и претставници на индустријата.
Како што пишува „Ројтерс“, можно е да има тужби со аргумент дека ограничувањето на штетните емисии оди многу подалеку од опсегот на ЕПА. Други правила за намалување на загадувањето, исто така, може да бидат оспорени на суд.