Платите во најголемата економија во еврозоната, Германија, растат со најбрзо темпо овој век, што ја зголеми загриженоста кај некои економисти за очекуваното намалување на каматните стапки од страна на Европската централна банка (ЕЦБ) следниот месец.
Според податоците објавени од WSI, синдикален тинк-тенк, договорените плати во Германија треба да се зголемат за 5,6 отсто во 2024 година, врз основа на договорите постигнати помеѓу јануари и јуни. Овој раст на платите, во реални услови, ќе биде најбрзиот од започнувањето на евиденцијата во 2000 година, пишува Фајненшл тајмс.
Иако овие зголемувања на платите се далеку над целта за инфлација од два проценти, поставена од креаторите на монетарната политика, ЕЦБ веќе го вброи „зголемениот“ раст на платите во своите прогнози. Смиреноста на ЕЦБ наспроти поголемиот притисок врз платите доаѓа од верувањето дека работниците сè уште ја „надополнуваат“ загубата на куповната моќ предизвикана од инфлацијата. Дури и со овогодинешното зголемување на платите од 5,6 отсто, само половина од загубите на германските работници меѓу 2021 и 2023 година се компензирани.
Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард во јуни го наведе примерот со договор за плата од 12 отсто за работниците од јавниот сектор во Германија, прв во последните три години. „Можете да замислите дека договорот што е склучен во 2024 година и кој ја покрива изгубената куповна моќ во 2021, 2022 и 2023 година очигледно ќе биде многу значаен“, рече Лагард.
Пазарите предвидуваат повеќе од 90 отсто шанси за ново намалување на каматната стапка од 25 базични поени во септември, откако стапката на депозитите беше намалена од четири на 3,75 отсто во јуни. Довербата на креаторите на политиката е зајакната со враќањето на феноменот наречен „алчна инфлација“, што значи дека на компаниите им е потешко да ги префрлат дополнителните трошоци за плати на своите клиенти.
Креаторите на монетарната политика веруваат дека компаниите користеле комбинација од високи влезни трошоци и силна побарувачка од потрошувачите за да ги зголемат цените и да ги зголемат профитните маржи веднаш по пандемијата. Сега, поради стагнантниот раст, се чини дека профитните маржи ќе се намалуваат. Невработеноста, сепак, останува ниска, што значи дека работниците можат да бараат зголемување на платите.