Во последните четири месеци до германската амбасада во Приштина се поднесени речиси 200.000 барања за виза. Според досегашната практика, германската амбасада издава нешто повеќе од 5.000 дозволи годишно.
Според приштинските медиуми на албански јазик, 11 отсто од граѓаните на Косово поднеле барање за германска виза од почетокот на декември минатата година.
„Од почетокот на декември до крајот на март во амбасадата на оваа земја во Приштина пристигнале 199.783 барања за виза. Овој месец до таа амбасада се поднесени 48.044 барања. Во февруари беше за околу 2.000 помалку“, пишуваат косовските медиуми.
Германската мисија во Приштина, сепак, нуди само 500 до 800 термини месечно, вкупно 5.500 визи годишно.
Се наведува дека германските власти пред неколку години вовеле привилегиран пристап за работниците од Балканот, со што Албанците од Косово станале целна дестинација.
Инаку, бројот на барања за виза во амбасадите на другите западни земји во Приштина е неспоредливо помал.
Швајцарската амбасада, од ноември минатата до јануари годинава, примила вкупно 8.737 барања за виза.
Хрватската амбасада во периодот од ноември до март примила 1.944 барања.
Во Приштина посочуваат дека интензитетот на поднесување барања за виза до германската амбасада е постојано висок и дека тоа би значело, доколку продолжи трендот, дека за само една година третина од населението сака да го напушти Косово.