Како што се намалуваат температурите, се зголемува бројот на луѓе кои не можат да ги загреат своите домови низ Европската унија. Новите податоци, објавени од Европската конфедерација на синдикати (ETUC), откриваат дека бројот на луѓе кои живеат во енергетска сиромаштија ќе достигне 47,5 милиони во 2023 година.
Во 2019 година, околу седум проценти од жителите на ЕУ, околу 30,7 милиони луѓе, не можеа да си дозволат да ги загреат своите домови. До 2023 година тој процент се зголеми на 10,6 отсто, а меѓу погодените од енергетската сиромаштија беа 23,7 милиони работници, пренесува порталот за енергија.
Некогаш резервиран само за социјално ранливите, проблемот со енергетската сиромаштија сега се повеќе ги погодува вработените, од кои многумина работат во индустрии кои и самите се борат да преживеат поради зголемените цени на енергијата.
Европската конфедерација на синдикати бара итни мерки за да се спречи понатамошно опаѓање на работните места и животниот стандард, вклучително и контрола на цената на енергијата, забрана за прекин на струја за ранливите, поголеми инвестиции во обновливи извори на енергија и правични плати.
„Времето за разговор е минато, потребна е итна акција на ниво на ЕУ за да се намалат сметките за енергија за индустријата, бизнисите и домаќинствата и да се обезбеди правото на чиста, достапна енергија, признавајќи ја енергијата како јавно добро“, рече Естер Линч, генерален секретар на Европската конфедерација на синдикати.
„ETUC“ повикува на итна и построга регулација на енергетскиот пазар за да се спречат пазарните шпекулации и да се заштитат граѓаните и бизнисите од нестабилните цени.