Регулаторите доцна влегоа во брзорастечкиот прекуграничен свет на дигитални средства, но можеби ќе ја развијат првата глобална рамка на правила за неколку месеци, изјави висок функционер за „Ројтерс“.
Бордот за финансиска стабилност е меѓународна финансиска организација составена од централни банки и претставници на министерствата за финансии на земјите од Г-20. Оттаму размислуваат какви правила да развијат за криптовалутите како што се биткоинот и таканаречените стабилни монети („стејбл коинс“), кои не се толку нестабилни како другите криптовалути.
Дигиталните средства се третираат различно ширум светот, на некои места се забранети, а на други нерегулирани, иако со нив тргуваат и меѓународни компании. Европската унија разгледува детален сет на стандарди за овластување и надзор на учесниците на пазарот на дигитални средства.
Роберт Офел, шеф на францускиот надзорен орган АМФ и член на Одборот за финансиска стабилност, вели дека регулаторите го следат „универзалниот основен принцип“ на истите правила кои ги покриваат истите ризици.
„Очекувам дека за некои од нив ќе има меѓународна регулаторна конвергенција, особено за платформи кои работат со дигитални средства и стабилни монети“, рече Офел за време на неодамнешниот вебинар.
„Регулаторите заостануваат затоа што криптовалутите не беа закана за финансиската стабилност, но сега тоа е приоритет на Бордот. Веруваме дека можеме да постигнеме резултати и да развиеме правила во следните неколку квартали, работиме со полна брзина на ова прашање“, додаде тој.
Бордот за финансиска стабилност нема овластување да креира законски обврзувачки правила, но неговите членови се обврзани да ги вградат неговите регулаторни принципи во нивните национални закони.
Регулаторите, исто така, се обидуваат да стигнат до другите делови на пазарот на капитал кој брзо се дигитализира, како што се социјалните медиуми и зголемената употреба на паметни телефони за купување и продавање акции од страна на индивидуални инвеститори.
„Властите во Европската Унија, заедно со ЕСМА, исто така ги следат финансиски влијателните луѓе на социјалните медиуми, кои даваат насоки за инвестирање во акции без гаранции за нивниот интегритет“, рече Верена Рос, претседателка на организацијата, за време на истиот вебинар.
„Ова е брзорастечки феномен кој бара активен мониторинг. На ЕУ и треба регулатор со големи овластувања за пазарите како што е ЕЦБ за банките“, рече таа.
„Сегашната структура повеќе не ја исполнува својата цел поради развојот на прекуграничните активности на дигиталниот пазар“, рече Роберт Офел.