Рекорден број на туристички ноќевања во ЕУ во 2025 година

Шпанија регистрираше најмногу ноќевања

од Кристијан Димков
8 прегледи

Европската Унија минатата година регистрираше речиси 3,1 милијарди ноќевања во туристички сместувачки капацитети низ земјите-членки на блокот, објави денес Евростат.

Статистичката служба на ЕУ вели дека овој број претставува зголемување од 2,2 проценти, или 66,4 милиони ноќевања повеќе од претходната година.

Ова ја направи 2025 година уште една рекордна година за туризмот во Европската Унија.

Бројот на ноќевања од меѓународни гости е зголемен за 3,4 проценти, или 49,7 милиони.

Од друга страна, ноќевањата од домашни гости се зголемени за 1,1 процент, или 16,7 милиони, објави Танјуг.

Најмногу ноќевања, 61,7 проценти од вкупниот број во Европската Унија, се регистрирани во четири држави. Шпанија води со 513,6 милиони ноќевања, по што следат Италија (476,9 милиони), Франција (471,7 милиони) и Германија (442,1 милион).

Државите со најмал број на ноќевања беа Луксембург (3,6 милиони), Латвија (5,0 милиони) и Естонија (6,7 милиони).