Рекорден број убиени еколошки активисти во 2020 година

од Vladimir Zorba
238 прегледи

На светско ниво, во 2020 година беа убиени 227 активисти за заштита на животната средина, што е рекорд втора година по ред, според извештајот на групата Global Witness, пренесе Анадолија.

Речиси една третина од убиствата се поврзани со експлоатација на ресурси – сеча, рударство, агробизнис од големи размери, хидроелектрични брани и друга инфраструктура.

Извештајот ги нарече жртвите „еколози“ убиени за да ги заштитат природните ресурси што треба да се зачуваат, вклучувајќи шуми, резерви на вода и океани.

Од потпишувањето на Парискиот договор за климатски промени во 2015 година, организацијата вели дека во просек се убивани по четири активисти неделно.

Беше кажано дека оваа „шокантна бројка“ најверојатно ќе биде потценета поради ограничувањата на слободата на изразување и известување од новинарите и другите граѓански слободи.

Најголем број убиства, 23 случаи, биле поврзани со индустријата за сеча на дрва. Повеќето напади поврзани со сеча се случиле во Бразил, Никарагва, Перу и Филипините, пренесува Би-Би-Си.

Домородните народи, најчесто на првите редови на климатските промени, сочинуваат една третина од случаите на убиства. Најголем број напади имаше во Колумбија, каде минатата година загинаа 65 лица.

Активистот и член на Global Witness, Крис Маден ги повика владите „сериозно да се зафатат со заштитата на бранителите на животната средина“. Тој рече дека компаниите мора да започнат „да ги ставаат луѓето и планетата пред профитот“ или предупреди дека „климатскиот слом и убиствата ќе продолжат“.

„Овој сет на податоци е уште еден моќен потсетник дека борбата против климатската криза носи неподносливо тежок товар за некои, кои ги ризикуваат своите животи за да ги спасат шумите, реките и биосферата потребни за борба против неодржливото глобално затоплување. Ова мора да престане“, рече Маден.

Слични содржини