Рекордно високи температури се забележани летово во Југоисточна Европа, покажува првата проценка на Европската служба за климатски промени „Коперник“. Луѓето во регионот биле изложени на „силен топлотен стрес“ бидејќи максималната дневна температура била најмалку 32 Целзиусови степени во 66 дена меѓу јуни и август, објави „Коперник“ во четвртокот.
Тоа беше убедливо најголем број денови со ваков топлотен стрес во Југоисточна Европа, со просечен број од 29 топли денови.
Рекордни температури се измерени и во полустровот Феноскандија, и финскиот полуостров Кола, кој припаѓа на Русија, додаде Коперник.
Меѓутоа, во северозападна Европа, просечните температури од јуни до август биле блиску до или под просекот.
Рекорден според првите податоци забележа и Средоземното Море: просечната температура на површината на водата беше 28,45 степени Целзиусови на 13 август.
„Екстремните температури во региони како Југоисточна Европа влијаат на благосостојбата на Европејците бидејќи граѓаните во овој регион се соочуваат со поголем топлотен стрес отколку порано“, рече Саманта Баргес, заменик директор на службата.
Евидентирани се и големи разлики во количината на врнежи меѓу одделни региони во Европа. Поголемиот дел од континентот, особено југоисточниот, бележи потпросечен број на врнежливи денови.
Други региони, вклучително и северот на Обединетото Кралство, Феноскандија и балтичките држави, забележаа до 20 повеќе врнежливи денови од просекот.
Повеќе од една третина (35 проценти) од европските реки, особено во Југоисточна Европа, имаа многу ниско ниво на вода. Но, реките во големи делови од централна Европа имаа исклучително високи нивоа на вода за овој период од годината.